📽️ ЗЛАТЕН НАКИТ ВРЕДЕН 65.000 ЕВРА СКРИЕН ВО ПЕРНИЦА ЗА ВРАТ Тетовец се обидел да го прокриумчари во автобус од Истанбул
Царински службеници на граничниот премин Богородица откриле и заплениле златен накит вреден околу 4 милиони денари или околу 65.000 евра, кој патник од Тетово, сопственик на златарница, се обидел да го прокриумчари скриен во перница за врат додека со автобус се враќал од Истанбул.
Против него е поднесена кривична пријава за кривично дело „криумчарење“, соопшти Царинската управа.
Случајот бил откриен при контрола на автобус што сообраќал на релацијата Истанбул – Гостивар. На прашањето дали имаат нешто да пријават, ниту еден од патниците не пријавил стока за царинска контрола, по што бил извршен детален преглед.
„Притоа, во внатрешноста на перницата за врат што ја носел осомничениот, се откриени 77 парчиња златен накит со тежина од 612 грама“, соопшти Царинската управа.
Од Управата посочуваат дека во предистражната постапка, што ја спровело Одделението за истраги, биле обезбедени докази дека тетовецот имал намера златниот накит, купен од златарска работилница во Истанбул, нелегално да го внесе во земјава и да го продава во сопствената златарница.
„Царинската управа продолжува со активностите насочени кон заштита на финансиските интереси на државата и обезбедување услови за фер економија“, се наведува во соопштението.
.
Извор: plusinfo.mk