АПЕЛАЦИЈА МУ ОДРЕДИ НА ЗЕЌИРИ ЕДНА ГОДИНА И СЕДУМ МЕСЕЦИ ЗАТВОР Судот нареди конфискација на имотот на „Интерхолдинг“, но не и на Зеќири
Една година и седум месеци затвор е казната што Апелацискиот суд му ја одреди на поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири, за злоупотреба на службената положба и овластување при склучување договори за консултантски услуги поврзани со „Македонска пошта“ и „Македонски железници“, без спроведување постапка за јавна набавка, објави „Коха“.
Со одлуката, Апелација наредила конфискација на имотот на компанијата „Интерхолдинг“, но не и на личниот имот на Зеќири. Тој има право да поднесе жалба до Врховниот суд во рок од осум дена.
Случајот се однесува на два договора за консултантски услуги, склучени во 2021 година, за анализа на состојбите и можностите за реструктурирање и евентуална приватизација на двете државни претпријатија. Првиот договор, поврзан со „Македонска пошта“, бил во вредност од 795.000 евра без ДДВ, додека вториот се однесувал на консултантски услуги за „Железници на РСМ Транспорт“.
Според обвинителството, со склучувањето на договорите без постапка за јавна набавка државниот буџет бил оштетен за над 1,1 милион евра. Обвинителството тврдеше дека договорите биле склучени спротивно на законските процедури за ангажирање консултантски компании и трошење јавни средства.
Во декември 2023 година, Зеќири првично беше осуден на две години и шест месеци затвор. Апелацискиот суд подоцна ја укина пресудата и го врати предметот на повторно судење, по што следуваше нова одлука со пониска затворска казна.
Постапката беше проследена со повеќе одложувања и правни пресврти. Во меѓувреме, Зеќири ја одлежа првично изречената казна, вклучувајќи го времето поминато во притвор и куќен притвор.
Со оглед на тоа што новата казна изнесува една година и седум месеци, а Зеќири веќе поминал значителен период лишен од слобода, можно е казната веќе да ја има целосно издржано. Сепак, конечниот одговор зависи од тоа колку време ќе му биде пресметано во новата казна и од правниот статус на одлуката на Апелацискиот суд.
.
Извор: plusinfo.mk