ИНТЕНЗИВНО СЕ ПРЕГОВАРА СО ПОТЕНЦИЈАЛЕН КРЕДИТОР ЗА БРЗАТА ПРУГА Николоски очекува целиот проект да чини околу 2 милиони едра
Интензивно и на дневна основа се преговара со потенцијалниот кредитор за изградба на брзата пруга, а проектот е влезен во финална фаза и по добивањето на сите потребни студии, фокусот е ставен на изборот на финансиер, изведувач и надзор – изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
– Сега одиме во финалната фаза, каде што треба да избереме финансиер, кредитор и треба да избереме изведувач и надзор, секако ќе има и проектна единица. Тоа е финале во едно проектно финансирање, да не ни се случи како со автопатите на коридорот 8 и 10д коишто ги работи конзорциумот ’Бехтел и Енка’, да се влезе во проект без да има обезбедено финансирање. Но, не само финансирање, таму подоцна и проектна единица се бираше. Со надзорот еве веќе имаме ситуација каде што му истекува договорот. Не сакаме да влегуваме во таква ситуација и затоа сакаме да ги уредиме сите тие односи. Кажавме дека ни е таргет со почетокот на новата градежна сезона, зависно од временските услови пролетта следната година, март, април месец, веќе и на терен да има градежни активности – рече Николоски.
Со оглед на тоа што болниците во Штип, Кичево и Тетово првично се споменува како дел од британскиот пакет заедно со брзата пруга, но подоцна беше одлучено да се финансираат преку Светска банка и ЕИБ, министерот беше прашан дали постои можност за промена и кај железницата. Според него, за сите проекти биле испратени барања до над 30 меѓународни финансиски институции.
– За болниците најдобра понуда даде еден конзорциум којшто е комбинација од Светска банка, Европска инвестициска банка, а во однос на железницата најдобрата понуда ја имаме од Велика Британија. Финансиерот во однос на брзата пруга ќе е со механизмот на УКЕФ (UK Export Finance)“ – вели Николоски.
Министерот предвидува целиот проект за брзата пруга да изнесува околу 2 милијарди евра, при што трошењето на средствата ќе биде најинтензивно во втората, третата и четвртата година од петгодишниот период на реализација.
.
Извор: plusinfo.mk