Ученик од четврто одделение за време на час извадил нож во основното училиште „Киро Глигоров“ – родители загрижени бараат итна реакција
Загриженост, револт и барање за итна реакција – ова е атмосферата меѓу дел од родителите чии деца посетуваат настава во ООУ „Киро Глигоров“ во општина Центар. Тие алармираат дека серија настани во изминатите години кулминирале со последниот инцидент, по кој, како што велат, повеќе не можат да останат тивки.
Според нивните информации, на 9 февруари 2026 година, ученик од четврто одделение за време на час извадил нож од училишниот ранец. Благодарение на навремената реакција на наставничката, не дошло до посериозни последици. По настанот била контактирана мајката на ученикот, која потпишала изјава дека ножот по грешка го ставила во ранецот при подготовка на појадок.
Родител кој се обратил до редакцијата на Курир вели:
-Подолг временски период моето дете, заедно со останатите соученици, се соочуваат со страв, притисок, физички напади и вознемирување од соученик. Како родител, не се чувствувам пријатно кога секојдневно го испраќам моето дете со страв за неговата безбедност во училиште во кое не се преземаат соодветни мерки за заштита на децата. Особено загрижувачки е инцидентот кога на 09.02.2026година во текот на наставата, конкретниот соученик извадил нож од училишниот ранец. Благодарение на навремената, смирена и соодветна реакција на наставничката, останатите ученици се заштитени и спречен е инцидент со немил исход. Сметам дека по овој сериозен инцидент не беа преземени соодветни, навремени и транспарентни мерки од страна на раководството и стручните служби на училиштето, туку едноставно беше прифатена изјава од мајката дека таа го ставила ножот во ранецот. Загрижува фактот што ова не е изолиран случај со овој ученик, кој повторно е без никаков епилог, освен информација дека стручните служби работат, додека во реалноста ситуацијата значително ескалира. Наместо јасна реакција и конкретни чекори за превенција и заштита, впечатокот е дека училиштето приоритет дава на минимизирање и прикривање на настанот/настаните, наместо на системско решавање на проблемот. Дополнително ситуацијата е отежната и поради нереспонзивноста на родителите на конкретното дете и отсуството на одговорност да се реши проблемот. Не треба да се занемарат и останати инциденти со други ученици од други одделенија (за дел постојат и медиумски објави), за кои најважно на раководството му беше да останат во рамки на училиштните ѕидови. Како родител, сериозно сум загрижена за безбедноста на моето дете и за општата безбедност на учениците во целото училиште.
До редакцијата бил доставен и заеднички писмен став од поголема група родители, кои наведуваат:
„Ние, мнозинство на родители на учениците од одделението при ОУ „Киро Глигоров“, сакаме јавно да ја изразиме нашата длабока и сериозна загриженост во врска со настанот што се случи на 09.02.2026 година, кога на првиот час беше изваден нож од ранецот од страна на ученик од одделението. Според изјавата на мајката, ножот по грешка му бил ставен во ранецот при подготовка на појадокот. Сепак, како родители, не можеме да бидеме уверени во ваквото објаснување и сметаме дека ваков инцидент не смее да се третира како изолиран случај или како безопасна грешка. Ова не е прв инцидент поврзан со истото дете. Напротив, веќе четири години континуирано се соочуваме со сериозни проблеми во однесувањето, кои вклучуваат напади со ножици врз соученици, вербални закани по живот, секојдневен психофизички притисок, вознемирување и константни опструкции во наставата. Наставничката во изминатиот период вложува максимални напори, професионално и посветено, за да ги надмине овие состојби и да обезбеди нормално одвивање на наставниот процес. За жал, впечатокот кај нас како родители е дека раководството на училиштето не презема соодветни, навремени и ефикасни мерки за трајно решавање на проблемот.
Особено загрижува тоа што, наместо системско, транспарентно и одговорно постапување, се создава впечаток дека инцидентите се минимизираат или релативизираат, со цел да се зачува угледот на училиштето, наместо примарно да се заштитат учениците. Дополнително, родителите на проблематичното дете, и покрај ветувањата дека ќе нѐ информираат за секој преземен чекор и ќе соработуваат во насока на надминување на ситуацијата, демонстративно ја напуштија заедничката група на Вајбер, со што дополнително се наруши комуникацијата и довербата меѓу родителите.
Нашите деца сѐ почесто изразуваат страв, вознемиреност и одбивање да посетуваат настава поради неизвесноста како ќе помине нивниот училиштен ден. Прашуваме: каква безбедност им се гарантира на нашите деца во услови кога алармантните проблеми не се решаваат соодветно и навремено? Каков квалитет на образование може да се обезбеди кога наставниот процес се одвива во атмосфера на страв, стрес и постојана напнатост – и кај учениците и кај наставникот?“
Од училиштето „Киро Глигоров“ посочуваат дека постапиле согласно прописите. Директорката Билјана Билбиловска за Курир изјави:
Во врска со настанот од 9.2.2026 година, училиштето постапи веднаш и согласно законските прописи. Ученикот беше изведен од паралелката, настанот беше пријавен кај директорот, стручната служба, родителите и надлежните институции. Направен е увид од страна на Државен просветен инспекторат и советници од Бирото за развој на образование, при што е констатирано дека училиштето постапи согласно законските акти и интерните правилници. Изготвен е писмен план за поддршка кој вклучува индивидуална работа со психолог и специјален едукатор, засилена опсервација, работа со паралелката на социјални вештини и редовна комуникација со родителите. Преземени се и дополнителни превентивни мерки за безбедност, согласно утврдените процедури. Важно е да појасниме дека во конкретниот случај не беше утврдено заканувачко однесување кон други ученици, ниту намера за повредување. Училиштето останува доследно во обезбедување безбедна, поддржувачка и инклузивна средина за сите ученици.
Со случајот е запознаена и министерката за образование и наука, Весна Јаневска, која изјави:
Запознаена сум со случајот. Мислам дека денес постапува Државен просветен инспекторат. Тие ќе информираат, ќе состават записник и ќе кажат. И јас сум ги слушнала овие муабети дека директорката ги заштитува родителите и тоа ќе треба, ако овој записник покаже дека има нешто, да се продлабочи и прошири. Службите можат да работат со детето, но функционална проценка на ова дете е неопходна. Ако сево ова е точно, тогаш ќе треба дел од часовите детето да ги помине во друга установа и детето треба да има образовен асистент, рече министерката.
Случајот го следи и Министерство за образование и наука, додека родителите велат дека ќе продолжат да бараат транспарентност и конкретни мерки, нагласувајќи дека безбедноста на учениците мора да биде врвен приоритет.