МАНИПУЛАЦИИТЕ СО АЛБАНСКИОТ ЈАЗИК ВИ СЛУЖЕА САМО ЗА ДОЛГО ВЛЕДЕЕЊЕ Според ВЛЕН, актуелните критики од ДУИ се обичен пропаганден памфлет
Коалицијата ВЛЕН во писмен одговор до лидерот на ДУИ Али Ахмети оцени дека неговото вчерашно писмо за службената употреба на албанскиот јазик претставува пропаганден памфлет чија цел е да создаде конфузија и да ги продлабочи поделбите меѓу граѓаните.
„Вие никогаш не успеавте албанскиот јазик да го направите целосно рамноправен со македонскиот јазик на институционално ниво! Манипулацијата со албанскиот јазик, како најважен идентитетски симбол на Албанците, Ви обезбеди долго владеење, а последиците од половичните решенија ги чувствуваме секој ден денес“ – пишува ВЛЕН.
Од ВЛЕН наведуваат дека ДУИ за време на своето владеење во 2008, 2011 и 2018 година усвоила три закони за албанскиот јазик без притоа да обезбеди негова целосна институционална рамноправност со македонскиот јазик, посочувајќи дека решението од 2019 година ја направило неговата примена доброволна, а не задолжителна.
Според коалицијата, поради таквите законски решенија албанскиот јазик денес не е службен во правосудството, Централниот регистар, комерцијалните банки и Народната банка, на полициските и армиските униформи, во медицинската документација, ниту кај адвокатите, нотарите и извршителите.
Во реакцијата се додава дека настојувањата на Ахмети да прикаже поинаква реалност служат за негови дневни политички интереси и се порачува дека ваквата иницијатива би била искрена само доколку започнела со самокритика и признание дека ниту еден од донесените закони целосно не го решил прашањето за службената употреба на албанскиот јазик.
.
Извор: plusinfo.mk