КЛЕКОВСКИ НАЈАВИ РЕШЕНИЕ ЗА МАМОГРАФОТ ВО „БУКУРЕШТ“ Недозволиво е поликлиника што опслужува 70.000 граѓани да биде без апарат
Министерот за здравство Сашо Клековски најави решавање на проблемот со мамографот во поликлиниката „Букурешт“ во скопската општина Карпош. Апаратот повеќе од една година не е во функција, а потребната инвестиција ги надминува финансиските можности на Здравствениот дом – Скопје.
Одговарајќи на новинарско прашање за недостапноста на мамографските прегледи во поликлиниката во период кога се упатуваат апели до жените за редовни превентивни прегледи, Клековски изрази незадоволство од образложението што го добил.
– Образложението е прилично тенко. Набавката што е потребна за мамографот ги надминува можностите на Здравствениот дом – Скопје, односно ја надминува вредноста на самиот апарат. Ќе направам напор што поскоро да го ставиме во планот за набавки – изјави Клековски.
Досега се набавени 10 нови мамографи, при што приоритет имале здравствените установи надвор од Скопје поради поголемите дијагностички можности во главниот град.
– Недозволиво е поликлиника која опслужува 70.000 граѓани да биде без мамограф. Без разлика дали преку набавката со Европската Унија, која треба да се реализира и да биде објавена овој месец, или преку посебна набавка, ќе одиме кон решавање на овој проблем – нагласи министерот.
.
Извор: plusinfo.mk