СО ПАРАМЕДИЦИ ЌЕ СЕ ПОПОЛНУВА КАДРОВСКАТА ПРАЗНИНА ВО ИТНАТА ПОМОШ Министерството спрема неколку законски измени
Министерството за здравство подготвува законски измени за воведување на професијата парамедик во Македонија, со цел да се ублажи недостигот од кадар во Итната медицинска помош.
Се планира и издвојување на Итната помош во посебна служба, формирање национален диспечерски центар и воведување стандарди за тријажа, односно за процена на итноста на состојбата на пациентите.
Министерот за здравство Сашо Клековски денеска соопшти дека анализите покажуваат оти до 2030 година околу 300 вработени во Итната медицинска помош низ државата ќе заминат во пензија.
Воведувањето парамедици е една од мерките со кои Министерството планира да го надомести недостигот од кадар.
Парамедиците се специјално обучени здравствени работници кои укажуваат итна медицинска помош на терен. Во земји како Велика Британија, САД и во Австралија, тие можат да реанимираат пациенти, да користат дефибрилатори, да даваат одредени лекови и да ги стабилизираат пациентите пред транспортот до болница, во рамките на нивните законски овластувања.
Одговарајќи на новинарско прашање за кадровската екипираност на Итната медицинска помош во Скопје, каде што во една смена има 5 тима, Клековски посочи дека се неопходни системски промени.
– Итната медицинска помош бара посистемска промена. Ние имаме комплетна анализа за предизвиците што ни претстојат таму, покрај одвојувањето во посебна служба, градењето на национален диспечерски центар со соодветни стандарди за тријажа, кој пациент е итен, кој не е итен, и изедначено постапување на сите тимови – рече Клековски.
На прашањето дали има недостиг од лекови на Клиниката за онкологија, Клековски нагласи дека одговорноста за обезбедувањето лекови и терапија е кај директорот на установата и дека прашањата треба да му бидат упатени нему.
Во однос на децентрализацијата на терапијата, министерот ја посочи Клиниката за неврологија како позитивен пример.
– Се обидов изминатите две години преку поставување позитивни примери, како што е на Клиниката за неврологија со терапијата за мултипла склероза, на сите да им покажеме дека тоа е возможно, дека не е тоа ракетна наука – рече министерот.
Клековски оцени дека и покрај успешните примери, постои отпор кон децентрализацијата и дека здравствениот систем останува заглавен во статус-кво состојба.
Министерот очекува поголема иницијатива од директорите на клиничките болници во градовите каде што веќе има онколози.
– Со докажување дека е возможно, значи веќе имаме успешни примери на децентрализација. Се надевам дека директорите на соодветните јавни здравствени установи, тука пред сè мислам на клиничките болници Тетово, Битола, Штип, каде што има онколози, ќе го осмислат тоа да биде направено во најбрзо време – истакна Клековски.
.
Извор: plusinfo.mk