РЕЧИСИ 580.000 ЕВРА ОД ГЕРМАНИЈА ИМ ЛЕГНАЛЕ НА СМЕТКА И НЕ ПЛАТИЛЕ ДАНОК Кривични пријави за мајка и син од Радовишко
Речиси 580.000 евра пристигнале од Германија на девизната сметка на 71-годишна жена од радовишкото село Коџалија, а нејзиниот 47-годишен син бил овластен да располага со парите. Мајката и синот се осомничени за даночно затајување, а полицијата се сомнева дека дел од средствата биле искористени за бесправна градба и купување имот во Македонија.
Секторот за внатрешни работи Струмица, преку Одделението за внатрешни работи Радовиш, поднел кривични пријави против И.Ј. (47) од Радовиш и неговата мајка А.Ј. (71) од селото Коџалија.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, од 29 октомври 2019 до 2 ноември 2021 година, на девизната банкарска сметка на жената биле уплатени вкупно 579.015 евра, односно околу 35,6 милиони денари. Парите биле испратени од физичко лице од Германија, а синот имал овластување да располага со сметката.
Според сомневањата, мајката и синот не ги пријавиле средствата како приход, со што избегнале плаќање данок на личен доход.
Контролата на Управата за јавни приходи утврдила дека вкупниот износ на неплатениот данок, заедно со пресметаната камата, изнесува 3.182.066 денари.
Полицијата дополнително се сомнева дека синот ги искористил парите за изградба на бесправен недвижен имот и за купување движен имот во земјава, прикривајќи го нивното потекло.
Против 47-годишникот е поднесена кривична пријава за „даночно затајување“, „перење пари и други приноси од казниво дело“ и „бесправно градење“. Неговата 71-годишна мајка се товари за „даночно затајување“.
Кривичните пријави се доставени до Основното јавно обвинителство Струмица.
.
Извор: plusinfo.mk