ПЛАТИТЕ И ПЕНЗИИТЕ РАСТАТ, НО ДОЛГОВИТЕ ГО ЈАДАТ БУЏЕТОТ Стојаноски вели дека 76 милијарди денари одат за враќање стари обврски
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, тврди дека во првите две години од владеењето на неговата партија платите и пензиите бележат раст, но значителен дел од буџетските средства и натаму се издвојуваат за отплата на старите долгови и каматите.
Гостувајќи во емисијата „Топ тема“ на телевизијата „Телма“, Стојаноски рече дека растот на просечната нето-плата е значителен, а минималната плата, според него, во првите две години од актуелното владеење е зголемена за 1.300 денари повеќе отколку во периодот на владеење на СДСМ.
– Ако ја гледаме просечната нето-исплатена плата, тука сметам дека има навистина голем раст. Во првите две години од нашето владеење, ВМРО-ДПМНЕ ја има покачено минималната плата за 1.300 денари повеќе од СДСМ. Не можеме во ниту еден економски перформанс да се споредиме со СДСМ, а да не сме супериорни – изјави Стојаноски.
Тој оцени дека граѓаните ги чувствуваат економските придобивки преку повисоките пензии и плати и дека тие промени се одразуваат во секојдневниот живот.
– Граѓаните чувствуваат кога ќе отидат во маркет и кога знаат дека двајца пензионери дома имаат 14.000 денари повисока пензија отколку што имаа пред две години. Граѓаните знаат дека 99 отсто од нив имаат склучено колективни договори, со кои во еден мандат платите треба да им пораснат за 50 отсто. Граѓаните знаат и дека, ако работат во приватниот сектор, државата ѝ помогнала на нивната компанија со 250 милиони евра во форма на поволни кредити за да ја зголеми продуктивноста. Преработувачката индустрија расте, а платите се зголемуваат и во приватниот сектор – рече Стојаноски.
Осврнувајќи се на буџетските расходи, пратеникот нагласи дека значителен дел од јавните средства се користат за подмирување на обврски од претходните години, наместо за развојни проекти и нови инвестиции. Според него, наследените долгови го ограничуваат просторот за финансирање проекти во интерес на граѓаните.
– 37 отсто од вкупниот дефицит, кој изнесува 41,6 милијарди денари, оди за отплата на каматни обврски. Оваа година имаме за 13,5 отсто повеќе средства што треба да ги издвоиме за враќање стари долгови. Тоа се 76 милијарди денари. Во овој момент имаме отплатено 64 милијарди, а до крајот на годината имаме уште 12 милијарди да вратиме. Тоа се пари што некој ги зел, а видовме дека не направил ништо – изјави Стојаноски.
.
Извор: plusinfo.mk