ИСКРА ХАЏИ ВАСИЛЕВА Е НОВ ШЕФ НА ОЈО ГОКК Неофицијално обвинителката добила најголема поддршка од колегите
Обвинителката Искра Хаџи Василева добила најголема поддршка од своите колеги за функцијата шефица на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Сепак, резултатите сè уште не се официјално потврдени.
Според првичните неофицијални информации, Хаџи Василева е пред останатите кандидати во трката за раководната функција во обвинителството кое постапува по предмети од областа на организираниот криминал и корупцијата.
На гласањето учествувале обвинители кои избирале меѓу пет кандидати: Искра Хаџи Василева, Фатон Азизи, Трајче Пеливанов, Јован Цветановски и Лидија Раичевиќ.
Гласањето се одвивало од 8 до 16 часот, а право на глас имале 187 обвинители. Конечните резултати треба да бидат сумирани и соопштени на јавна седница, по што ќе биде познато кој кандидат ја добил најголемата поддршка.
Актуелниот шеф на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Ислам Абази, беше избран на функцијата во 2022 година, но не се кандидира за нов мандат.
Кандидатите претходно, на 13 октомври, ги претставија своите програми и приоритети. Меѓу темите што беа во фокусот се зајакнувањето на финансиските истраги, поефикасното справување со корупцијата и гарантирањето на самостојноста и независноста на обвинителството.
До официјалното објавување на резултатите, информацијата дека Хаџи Василева добила најголема поддршка треба да се третира како неофицијална.
.
Извор: plusinfo.mk