ПОЛИЦАЈЦИ ПРЕТЕПАЛЕ МАЛОЛЕТНИК ВО ОХРИД, ГО УДИРАЛЕ СО ПЕНДРЕК И ТВРД ПРЕДМЕТ Двајца охридски полицајци и еден српски под истрага
Тројца полициски службеници, двајца од Охрид и еден од Србија, се под сомнение дека употребиле физичка сила, гумена палка и тврд предмет врз малолетник во Охрид, нанесувајќи му повреди на повеќе делови од телото. МВР најави кривична пријава против тројцата, а двајцата македонски полицајци ќе бидат суспендирани.
Инцидентот се случил на 29 јули годинава, околу 5:05 часот, кога полициските службеници сопреле мотоцикл управуван од малолетник кој немал возачка дозвола и се обидел да избега.
Откако го фатиле, тројцата полицајци, според сомнежите, употребиле физичка сила, гумена палка и тврд предмет, удирајќи го момчето и нанесувајќи му повреди на повеќе делови од телото.
За случајот е поднесена кривична пријава против С.С., Б.Г. и Ј.И. за сомнение за кривично дело „малтретирање во вршење на службата“ од член 143 од Кривичниот законик.
Двајцата македонски полициски службеници се од СВР Охрид, додека третиот е полициски службеник од Србија.
По наредба на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, МВР побарало од надлежната служба за внатрешна контрола при српското Министерство за внатрешни работи да спроведе службен разговор со српскиот полицаец.
Против двајцата полицајци од Охрид ќе биде поведена и постапка за утврдување одговорност поради кршење на работната дисциплина. МВР најави дека ќе им изрече задолжителна мерка отстранување од работното место, односно суспензија.
.
Извор: plusinfo.mk