„ТЕНДЕРЏИЈАТА“ ОД РЕК, ГОНЕТ ЗА ПЕРЕЊЕ ПАРИ, ИЗЛЕЗЕ ОД „ШУТКА“ На Стојан Чифлигароски затворскиот притвор му е заменет со домашен
Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје го заменил затворскиот притвор со куќен притвор за битолскиот бизнисмен Стојан Чифлигароски, осомничен во случајот „Синџир“.
Оваа одлука била донесена откако Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) дало позитивно мислење на предлогот поднесен од одбраната на Чифлигароски.
Обвинителството се изјаснило позитивно затоа што истражната постапка е во завршна фаза, наведува Кривичниот суд во соопштение. Покрај куќниот притвор, на Чифлигароски му е определена и мерка на претпазливост – одземање на две важечки патни исправи.
Како дополнителни причини за прекинот на затворскиот притвор, се посочени здравствената и семејната состојба на осомничениот, што било поткрепено и со соодветна медицинска документација.
Чифлигароски е сопственик на компанијата „СВ Инвест“, која во минатото добиваше големи тендери од РЕК Битола, а подоцна заврши во стечај. Во истрагата за предметот „Синџир“, тој се сомничи дека бил еден од организаторите на злосторничко здружување, чија цел биле даночно затајување и перење пари.
Директорите на неколку негови фирми беа осудени откако признаа вина, а Чифлигароски подолг период беше во бегство, според неофицијални информации, во САД. Неодамна сам се предаде на граничниот премин „Свети Наум“, по што му беше изречена мерка притвор и беше спроведен во Истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари.
.
Извор: plusinfo.mk