ПОЧНА СЕЗОНАТА НА ГРИПОТ, ТРОЈЦА ЗАРАЗЕНИ СО КОВИД Најмногу заболени има во Тетово и во Скопје
Од 9 ноември до 15 ноември пријавени се 154 случаи на грип во државава, што е зголемување во однос на претходната недела, се наведува во извештај објавен на веб страницата на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Заболените лица оваа недела се регистрирани во Тетово – 49, Скопје – 38, Куманово – 19, Радовиш – 12, Велес – 8, Гостивар – 7, Прилеп – 5, Струмица – 3, по 2 во Ресен, Неготино, Охрид и Штип и по еден во Гевгелија и Македонски Брод. Во однос на возраста, од 15 до 64 години се регистрирани 102 лица, 22 лица на возраст над 65 години, 16 деца на возраст до четири години и 14 деца на возраст од 5 до 14 години. Оваа недела за првпат во сезоната е достигнат епидемиолошкиот праг на влез во сезоната на грип и се бележи ниска активност на грипот на национално ниво.
Од вкупно 64 тестирани материјали, детектирани се четири позитивни примероци за грип од кои три се Influenza A – несубтипизирани, а еден е Influenza А(H3). Регистрирани се три позитивни резултати за SARS-CoV-2.
Во сезоната 2026/2027 вкупниот број случаи со грип изнесува 609. Споредено со истиот период од минатата сезона бројот на пријавени случаи е за 6,7 отсто повеќе, а во однос на моделот од последните 16 сезони се регистрира зголемување од 30,8 отсто.
Вакцинацијата во државава почна на 21 октомври и се спроведува во центрите за јавно здравје со нивните подрачни единици или во здравствените домови. Закажувањето за бесплатните вакцини се одвива преку веб страната www.vakcinacija.mk.
Досега вакцинирани се вкупно 25.458 лицa од ризичните категории население со бесплатни вакцини.
.
Извор: plusinfo.mk