ПРИЈАВИЛЕ ИНДУСТРИСКА, А УВЕЗУВАЛЕ НЕЈОДИРАНА СОЛ Царината спречи нелегален внес на 2,8 тони
Царинските службеници на граничниот премин во Скопје спречиле обид за нелегален увоз на 2,8 тони нејодирана сол, чиј увоз е забранет. Пратката била пријавена како индустриска сол, но контролата покажала дека станува збор за нејодирана сол.
Случајот го откриле службениците од Царинската испостава Скопје 3 при проверка на стока за која увозникот, производител на храна, доставил изјава дека ќе се користи за индустриски цели.
При деталната контрола, сепак, било утврдено дека солта не одговара на пријавениот вид стока, ниту на податоците во увозната царинска декларација.
Од Царинската управа објаснуваат дека според македонските прописи, солта што се користи во исхраната задолжително мора да биде јодирана, поради штетните последици што може да ги предизвика консумирањето нејодирана сол.
– Согласно македонската легислатива, солта која се употребува во прехраната треба задолжително да биде јодирана поради штетните последици врз здравјето на граѓаните од консумација на нејодирана сол – наведуваат од Царинската управа.
По откривањето на обидот за увоз, против осомничените е поведена соодветна постапка. По решение на Агенцијата за храна и ветеринарство, целата количина од 2,8 тони сол била уништена на депонијата „Дрисла“.
Од Царинската управа велат дека откривањето царински измами поврзани со храна е еден од нивните главни приоритети, со цел заштита на здравјето на граѓаните.
– Минатата година со Агенцијата за храна и ветеринарство склучивме Меморандум за размена на податоци, со што значително се унапреди борбата со криминалот поврзан со храна – посочуваат од Управата.
.
Извор: plusinfo.mk