ОПОЖАРЕН БАГЕР ШТО РАБОТЕЛ НА СТАДИОНОТ „ШКЕНДИЈА“ ВО АРАЧИНОВО Дали станува збор за политички мотивирана саботажа?
Багер, кој се користел за изградба на стадионот на „Шкендија“ во Арачиново, изгорел во пожар што бил пријавен во полиција рано утрово, околу 02:36 часот. Во инцидентот нема повредени лица, а пожарот бил изгаснат од екипите на Противпожарната бригада на Скопје.
Градоначалникот на Арачиново, Даут Беќири, смета дека настанот претставува обид да се попречи реализацијата на проектот за изградба на стадионот. Камен-темелникот за објектот беше поставен минатиот петок.
Беќири преку објава на Фејсбук побара случајот што поскоро да биде целосно расчистен и одговорните да се соочат со правдата.
Тој порача дека инцидентот нема да ја запре изградбата и дека работите на терен ќе продолжат. Според него, стадионот на „Шкендија“ ќе биде завршен, додавајќи дека нема да отстапи пред, како што ги опиша, притисоците, заканите или обидите за попречување на проектот.
За инцидентот реагираше и партиајата ВЛЕН со соопштение во кое порача дека „Арачиново нема да остане заробено во минатото“.
„Она што се случи на градилиштето на стадионот на „Шкендија“ не е само оштетување на неколку машини. Тоа е обид да се нападне проект кој го симболизира развојот, инвестициите и подобрата иднина за Арачиново.
Со децении, граѓаните на Арачиново чекаа ветувањата да се претворат во конкретни дела. Денес, кога тоа се случува, кога машините се на терен и стадионот почнува да ја добива својата форма, некој се обидува развојот да го претвори во страв и пречка.
ВЛЕН заедно со Даут Беќири е јасен во своите определби: развојот не се запира со оган, вандализам или закани. Истовремено, им порачуваме на граѓаните на Арачиново: не дозволувајте стравот да ве врати назад. Затоа што овој стадион не е само градежен проект. Тој е доказ дека и Арачиново заслужува инвестиции, современа инфраструктура и можности за своите млади.
Со години, од граѓаните се бараше да чекаат. Денес веќе не им се бара да чекаат – денес се гради. И токму затоа, нема враќање назад. Со ВЛЕН Арачиново нема да остане заробено во минатото. Арачиново избра да оди напред, а стадионот на Шкендија ќе биде изграден“ – се вели во соопштението на ВЛЕН.
.
Извор: plusinfo.mk