Народната банка: Одземањето на лиценцата на Алта банка во Србија не значи автоматско одземање на лиценцата во Македонија
Народната банка појаснува дека Алта банка АД Битола е независно правно лице и дека нејзиното работење се оценува согласно домашните закони. Институцијата внимателно ја следи состојбата, вклучително и ризиците поврзани со сопственичките врски.
Народната банка на Северна Македонија соопшти дека одлуката на Народната банка на Србија за одземање на дозволата за работа на Алта банка во Белград не значи автоматско одземање на лиценцата на Алта банка АД Битола.
Од Народната банка објаснуваат дека одлуката на српските власти се однесува исклучиво на работењето на банката во Србија, додека банката во Северна Македонија е независно правно лице, основано и регистрирано согласно домашното законодавство.
„Домашната банка е независно правно лице, основано и регистрирано во Република Северна Македонија, чие работење се оценува согласно домашната законска и регулаторна рамка“, наведуваат од Народната банка.
Оттаму посочуваат дека внимателно ја следат состојбата и сите околности што би можеле да влијаат врз работењето на банката, вклучително и ризиците што произлегуваат од нејзините сопственички поврзаности.
Народната банка нагласува дека стекнувањето квалификувано учество во банка се спроведува преку сеопфатна постапка, во која се оценуваат законски утврдените критериуми врз основа на официјално достапни податоци.
Воедно, институцијата ги повика граѓаните да се потпираат на официјални и проверени информации, а да избегнуваат заклучоци засновани на непотврдени тврдења и шпекулации.
„Народната банка и понатаму внимателно ќе ја следи состојбата и ќе постапува независно, професионално и исклучиво во согласност со своите законски надлежности, во интерес на сигурноста на банкарскиот систем и заштитата на депонентите“, се наведува во соопштението./Novina