Што навистина се случува во Полска? Криза меѓу претседателот и премиерот, полиција пред Уставниот суд!
Полска се соочува со сериозен политички и институционален судир, откако конфликтот меѓу владата на премиерот Доналд Туск и претседателот Карол Навроцки околу контролата и независноста на судството ескалираше.
Во петокот, на 30 октомври, полицијата беше распоредена во просториите на Уставниот суд во Варшава, по протестите што избувнаа откако беше суспендиран претседателот на судот, Богдан Швјенчковски, како и потпретседателот Бартломеј Сохањски.
Одлуката за суспензија ја соопшти судијката Ана Корвин-Пјотровска, која тврди дека раководството на судот го попречувало неговото функционирање и работата на новите судии. Од таборот на Швјенчковски ја отфрлија одлуката, оценувајќи ја како незаконска.
Ситуацијата го натера претседателот Карол Навроцки да го прекине своето патување во Сенегал и да се врати во Полска.
Зошто избувна конфликтот?
Премиерот Доналд Туск сака да ги поништи промените во судскиот систем воведени за време на владеењето на конзервативната партија Право и правда (PiS), од 2015 до 2023 година. Според владата, овие промени ја нарушиле независноста на судството.
Во декември 2025 година, и Судот на правдата на Европската Унија утврди сериозни повреди на принципите на судската независност во врска со полскиот Уставен суд.
Од друга страна, претседателот Навроцки и опозициската PiS ја обвинуваат владата на Туск дека се обидува да воспостави политичка контрола врз судските институции.
Две страни, две толкувања на Уставот
Туск тврди дека се обидува да го врати владеењето на правото и независноста на судството, додека Навроцки и PiS сметаат дека постапките на владата претставуваат кршење на уставниот поредок.
Судирот веќе ги надминува рамките на политичките несогласувања и го доведува во прашање авторитетот и легитимитетот на најважните уставни институции во Полска.
Двете страни тврдат дека го штитат Уставот, но не се согласуваат околу тоа кој има законско овластување да постапува./Novina