КАЗНА ОД 45 ЕВРА ЗА ВОЗАЧИТЕ БЕЗ ЗИМСКА ОПРЕМА Од 15 ноември почнува законската обврска
Казна од 45 евра во денарска противвредност им се заканува на возачите што од 15 ноември нема да ја имаат пропишаната зимска опрема. Обврската важи до 15 март 2027 година.
„Министерството за внатрешни работи ги информира граѓаните дека од 15 ноември до 15 март, согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, возилата кои учествуваат во јавен сообраќај на патиштата задолжително треба да поседуваат пропишана зимска опрема“, соопшти Министерството за внатрешни работи.
За патничките автомобили до 3.500 килограми се дозволени зимски гуми на сите 4 тркала, со шара длабока најмалку 4 милиметри.
Дозволени се и летни гуми со шара од најмалку 4 милиметри, но со задолжително поседување соодветни синџири за снег за погонските тркала или други пропишани помагала.
За автомобилите со погон на сите четири тркала зимските гуми мора да имаат шара длабока најмалку шест милиметри.
Доколку се користат летни гуми со шара од најмалку четири милиметри, потребни се и соодветни синџири за снег.
„Во случај кога имаат постојан погон, синџири за снег треба да имаат најмалку за задната осовина, а во случај на преклоплив погон, синџири за снег треба да имаат најмалку на постојано вклучената осовина“, појаснува МВР.
За товарните возила над 3.500 килограми се пропишани зимски гуми на погонските тркала, со шара од најмалку шест милиметри, или летни гуми со шара од најмалку четири милиметри и соодветни синџири.
Автобусите и товарните возила што од технички причини не можат да постават синџири мора да имаат зимски гуми на погонските тркала и лопата.
МВР потсетува и на ознаките според кои се препознаваат зимските пневматици.
„Зимски пневматици се оние пневматици кои на својата бочна страна имаат ознака „MS“, „M+S“, „M & S“ и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва“, се наведува во соопштението.
Според Правилникот за задолжителна опрема на возилата, во патниот сообраќај е забрането користење пневматици со клинци.
„Апелираме до возачите да се придржуваат кон законската обврска за поседување на зимска опрема, бидејќи така овозможуваме непречено и безбедно одвивање на сообраќајот на патиштата во зимски услови“, порачува МВР.
.
Извор: plusinfo.mk