КРИСТИ МЕКОРМИК НОМИНИРАНА ЗА НОВ АМБАСАДОР НА САД ВО МАКЕДОНИЈА Правничка со специјалност за изборно законодавство
Американскиот претседател Доналд Трамп ја номинираше Кристи Мекормик (Christy McCormick) од Калифорнија за нова амбасадорка на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија. Номинацијата е официјално доставена до Сенатот на САД на 9 ноември 2026 година, соопшти Белата куќа. По испраќањето на официјалниот предлог од Белата куќа, на ред е сослушувањето и гласањето во Комитетот за надворешни работи на американскиот Сенат. Доколку биде потврдена од Сенатот, таа ќе стапи на чело на дипломатското претставништво на САД во Скопје.
Мекормик не доаѓа од Стејт департментот. Таа има повеќе од две децении искуство во федералните институции на САД, при што нејзина тесна специјалност е изборното законодавство, заштитата на гласачките права и унапредувањето на изборните системи.
Од декември 2014 до јули 2026 година, таа служела како членка (комесар) и претседателка на независната федерална институција – Комисија за изборна помош на САД (EAC). На оваа позиција првично била номинирана од претседателот Барак Обама, а нејзиното назначување било едногласно потврдено од Сенатот. За време на единаесетгодишниот мандат во EAC, Мекормик ја предводела комплетната реорганизација на Комисијата, иницирала национални самити за изборни податоци и пристапност на гласањето и лично набљудуваше изборни процеси во речиси сите американски сојузни држави, како и во странство.
Мекормик има искуство со работа во американски дипломатски мисии во кризни подрачја. Во периодот 2009–2010 година, во Амбасадата на САД во Багдад (Ирак) таа служела како виш правен советник и вршител на должност заменик-координатор за владеење на правото. Како изборен експерт на терен, таа директно го надгледувала спроведувањето на ирачките национални избори и процесот на повторно пребројување на гласовите.
На почетокот на својата кариера (од 1999 до 2006 година), извршувала правосудни и државни функции во сојузната држава Вирџинија.
Во моментов Никол Варнс е вршител на должноста амбасадор на САД во Македонија. Претходната амбасадорка Анџела Агелер беше отповикана од функцијата по три години поминати во Скопје. Новата амбасадорка ќе биде десетти амбасадор на САД во Македонија.
На веб-страницата на Белата куќа објавени се сите номинации на Трамп за американски амбасадори во повеќе држави во светот.
.
Извор: plusinfo.mk