„ИЛИ ЦЕЛ ПРАВОСУДЕН ИСПИТ ДА СЕ ПОЛАГА НА АЛБАНСКИ, ИЛИ ИЗЛЕГУВАМЕ НА УЛИЦА“ Студентите Албанци не го прифатија компромисниот предлог на Шасивари
Студентите Албанци не се откажуваат од барањето целиот правосуден испит да го полагаат на албански јазик и, ако тоа не биде прифатено, ќе ги продолжат протестите. Предлогот на министерот за правда Јетон Шасивари, според кој најголемиот дел од испитот ќе се полагаат на албански јазик, а само 2 на македонски, студентите Албанци го сметаат за своја победа, но недоволна.
– Нашето барање е целиот правосуден испит да го полагаме на албански јазик. Предлогот на министерот е победа за нас бидејќи околу 84 отсто од испитот ќе се полага на албански јазик. Не сме задоволни бидејќи два испита треба да се полагаат на македонски јазик. Имаме Закон за употреба на јазиците, кој им дозволува на албанските студенти правосудниот испит да се полага на албански јазик. Ние не бараме ништо освен да се почитуваат Уставот и законите. Шасивари ни вети дека повторно ќе има средба со нашите декани и професори, но сакаме целиот правосуден испит да се полага на албански јазик – рече Сухејб Мехмеди, студентски правобранител од Универзитетот „Мајка Тереза“, по средбата со министерот Шасивари.
Предлогот на министерот Шасивари предвидува теоретскиот дел, кој опфаќа 12 предмети, да може да се полага на албански јазик, додека практичниот дел, односно два предмета, да се полагаат на македонски јазик. Но студентите инсистираат јазичната можност да важи за сите делови од испитот.
Студентскиот правобранител Мехмеди потсети дека досега биле организирани два протеста и дека студентите со излегувањето на улица успеале да го актуализираат своето барање.
– Направивме два протеста, излеговме на улица. Бараме нашите барања да се почитуваат. Ова е наш голем успех бидејќи го добивме тоа што ни следува, но не сме задоволни – порача Мехмеди.
Министерот Шасивари, пак, смета дека решението треба да се бара преку дијалог со студентите и деканите на петте правни факултети, со цел да се постигне правно издржано и европски усогласено решение.
.
Извор: plusinfo.mk