СЕ МЕНУВА ВОДОВОДНА МРЕЖА СТАРА НАД 40 ГОДИНИ ВО БИТОЛА Почна реконструкцијата на улицата Димитар Тодоровски
Водоводната мрежа стара повеќе од 40 години на улицата Димитар Тодоровски во Битола ќе биде целосно заменета со нова. ЈКП „Водовод“ – Битола соопшти дека започнале градежните активности за реконструкција на постојната водоводна линија, кои ќе ги опфатат и сите приклучоци до крајните потрошувачи.
„Започна реконструкцијата на водоводната мрежа на улица Димитар Тодоровски, со која е предвидена целосна замена на постојната водоводна линија, вклучително и сите приклучоци до крајните потрошувачи“, информираат од претпријатието.
Постојната мрежа е изградена од лиено-железни цевки, кои по повеќе од четири децении употреба ќе бидат заменети со современи полиетиленски цевки.
„Со оваа реконструкција, постојната дотраена водоводна мрежа, стара повеќе од 40 години и изградена од лиено-железни цевки, ќе биде заменета со нови, современи полиетиленски цевки (PE), кои обезбедуваат поголема трајност, сигурност и ефикасност во водоснабдувањето“, се наведува во соопштението.
Од ЈКП „Водовод“ посочуваат дека реконструкцијата е дел од континуираните инвестиции во обновување на водоводната инфраструктура во Битола.
Според најавите, целта на инвестициите е намалување на загубите на вода и обезбедување поквалитетно, посигурно и одржливо водоснабдување за граѓаните.
.
Извор: plusinfo.mk