
Бразилскa фризерка осудена на 14 години затвор затоа што напишала порака на статуа со кармин
Ена од Бразил беше осудена на 14 години затвор откако напиша навредлива порака на статуа со кармин за време на немирите во Бразилија.
Дебора Родригес учествуваше во немирите во јануари 2023 година, заедно со стотици поддржувачи на поранешниот претседател Жаир Болсонаро.
За време на тие немири, илјадници поддржувачи на Болсонаро нападнаа владини згради, незадоволни од неговиот пораз на претседателските избори претходната година.
Судијата Кристијано Занин, еден од петте судии кои ја судеа Родригес, нагласи дека таа не е судена само за графитите, туку е прогласена за виновна за повеќе кривични дела.
Родригес беше уапсена како дел од поширока истрага за наводен заговор за државен удар против новоизбраниот претседател Лула да Силва.
Таа беше прогласена за виновна за повеќе кривични дела, вклучувајќи уништување на имот, членство во криминална организација и учество во обид за државен удар.
39-годишната фризерка се извини за пишувањето „Изгуби, идиоту“ на статуата на правдата пред Федералниот Врховен суд – инцидент што стана познат во Бразил како „државен удар со кармин“.
Родригес тврдеше дека не учествувала во насилството. Претходно му кажа на судот дека е „добар граѓанин“.
„Отидов на протестот, не можев да замислам дека ќе биде толку насилно“, рече Родригес. „Никогаш во животот не сум направила ништо нелегално“.
Политичка поларизација и последиците од случајот
Нејзините адвокати тврдеа дека таа не влегла во зградите за време на немирите и дека дејствувала импулсивно, „во жештината на моментот“. Таа изрази жалење за своите постапки.