СЕ ТРАГА ПО УШТЕ ЕДНО ЛИЦЕ ПОВРЗАНО СО ПЛАНИРАНИОТ НАПАД ВО ГРЦИЈА Можни цели биле бизнисмени во поголемите грчки градови
Македонските власти, во соработка со грчката разузнавачка служба ЕИП, трагаат по уште едно лице поврзано со сомненијата за планиран терористички напад во Грција, изјави денеска директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев, во интервју за грчката државна телевизија.
Јанев вели дека собраните докази против осомничените се доволни за сериозни обвиненија, за кои македонското законодавство предвидува високи затворски казни. Тој потсетува дека случајот е особено чувствителен, посочувајќи дека сега се очекува судската разрешница за петтемина уапсени. Четворица се во притвор, додека петтиот е во куќен притвор.
Според директорот на БЈБ, потенцијални цели на нападот биле лица и компании што работат во поголемите грчки градови, вклучително и во Атина.
– Засега успеавме сето тоа да го спречиме врз основа на информациите и дејствијата што ги презедовме на територијата на нашата земја, но и во тесна соработка со грчката полиција – изјави Јанев за новинарската екипа на ЕРТ во Скопје.
Директорот на БЈБ ја истакна соработката со директорот на грчката полиција, Димитрос Малиос, наведувајќи дека во изминатите 2 години биле изградени силни партнерски односи.
Според извештајот на ЕРТ, иранскиот наркобос Наџи Шарифи Зиндапти наводно се запознал со еден од уапсените во турски затвор, каде што двајцата биле затворени за дела поврзани со дрога.
Нивното познанство, според информациите на грчката телевизија, било почеток на регрутирањето други лица од организираниот криминал.
Грчките медиуми наведуваат неколку можни цели на нападот, меѓу кои бизнисмен со еврејско потекло и лица поврзани со израелски компании.
Иранската амбасада во Атина ги отфрлила обвинувањата за поврзаност на Иран со планираниот напад, оценувајќи ги како неосновани.
.
Извор: plusinfo.mk