ЗЕЛ 500 ЕВРА ПОТКУП ЗА ДА ИЗДАДЕ ПОЗИТИВНО МИСЛЕЊЕ ЗА ГРАДБА Истрага против вработен во ДЗС
Основното јавно обвинителство Скопје поведе истражна постапка против вработен во Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), осомничен за примање поткуп во износ од 32.000 денари. Според Обвинителството, осомничениот побарал и примил пари за да издаде согласност за елаборат кој не ги исполнувал условите за градба во делот на заштитата од пожари, експлозии и опасни материи. За случајот е поведена постапка за кривично дело „примање поткуп“, предвидено во член 357 став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот работел во Одделението за издавање урбанистички согласности при ДЗС и бил овластен да потпишува, дава мислења и издава согласности за просторни и урбанистички планови и проекти, како и елаборати за заштита од пожари, експлозии и опасни материи. Според истрагата, тој директно побарал и примил 32.000 денари од едно лице за да изврши службено дејствие што не смеел да го изврши.
Поради ризик од бегство, можност за повторување на делото и опасност од влијание врз сведоци, јавниот обвинител доставил предлог до судијата на претходна постапка за определување мерка притвор. Од Обвинителството наведуваат дека предлогот е заснован на природата на кривичното дело, начинот и околностите под кои било сторено, неговите последици и службената позиција на осомничениот.
.
Извор: plusinfo.mk