Посетата на поранешна актерка во филмови за возрасни на Омејадската џамија предизвика полемики во Сирија
Посетата на поранешната шпанска актерка во филмови за возрасни, Амарна Милер, на Сирија предизвика широка дебата на социјалните мрежи, откако таа посети некои од најпознатите историски и верски знаменитости во земјата, меѓу кои Омејадската џамија во Дамаск и античкиот град Палмира.
Полемиките се засилија откако на објавените снимки таа се појавува и во друштво на сирискиот министер за култура, Мохамед Јасин Салех, и други високи државни функционери за време на посетата на Палмира.
На социјалните мрежи првично се проширија тврдења дека Министерството за култура потрошило околу 23.400 долари за нејзиното патување, вклучувајќи авионски билети во прва класа, хотелско сместување и превоз.
Сепак, сириската платформа за проверка на факти Verify-Sy објави истражување во кое се наведува дека тврдењата за државно финансирање се неосновани.
Според платформата, претставници на министерствата за култура и туризам негирале дека Милер била официјално поканета или дека нејзината посета била организирана од државните институции.
Средбата со министрите, според властите, била случајна
Според објаснувањето на функционер кој бил дел од владината делегација, министрите случајно наишле на група туристи за време на посетата на Палмира и застанале да ги поздрават, без да знаат кои се тие или какво е нивното професионално минато.
И Министерството за туризам потврдило за Verify-Sy дека Милер не добила официјална покана и дека средбата била случајна.
Владината делегација, според истите информации, била во Палмира за да ги разгледа плановите за развој на античкиот град и неговиот аеродром.
Милер: Патувањето го финансирав сама
Сирискиот новинар Аман ал Мамун соопштил дека директно ја контактирал Милер преку Инстаграм. Според него, таа потврдила дека патувањето во Сирија го финансирала сама и дека не добила официјална покана од властите.
Таа наводите дека владата го финансирала нејзиното патување ги оценила како лажни вести.
Во меѓувреме, снимките од нејзината посета веќе не биле достапни на нејзиниот профил на Инстаграм во периодот кога се ширеле полемиките.
Која е Амарна Милер?
Амарна Милер, родена во Мадрид во 1990 година, стана меѓународно позната по нејзината работа во индустријата за филмови за возрасни, која ја напушти во 2017 година.
По напуштањето на оваа индустрија, таа се посветила на пишување, феминистички активизам, патувања и создавање културни содржини. Студирала и ликовни уметности и антрополошки истражувања, а раководи и со туристичка агенција наречена „Tierra Ignota“.
Нејзината посета на Сирија предизвика поделени реакции во јавноста. Дел од граѓаните ја критикуваа поради нејзиното професионално минато и присуството на верски објекти, додека други го бранеа нејзиното право да ја посети земјата, истакнувајќи дека нејзиното минато не треба да влијае врз третманот кон неа./Novina