
Жена (31) починала откако била нападната од мечка во Словачка
Жена (31) од Белорусија починала откако била нападната од мечка на северот на Словачка, соопштија властите.
Словачката планинска спасувачка служба соопшти дека телото на жената било пронајдено во шума во Словачките Ниски Татри во петокот навечер. Се шетала со маж кога ги нападнале мечки, јавува Би-Би-Си.
Според зборовите на мажот, тој и жената избегале во различни правци. Областа беше покриена со густа шума и стрмни падини. Словачките власти соопштија дека две лица се шетале во Демановска долина кога биле нападнати.
Телото на жената го пронашло куче трагач неколку моменти откако нејзиниот придружник отишол да побара помош. Мечката се уште била во близина и се исплашила од предупредувачките истрели од планинската спасувачка служба.
Се уште не е јасно како починала жената – дали починала од пад од височина или била убиена од мечка. Заменик-министерот за заштита на животната средина рече дека доколку е второто, надлежните веднаш ќе ја објават таа информација и нема да ја сокријат.
Имаше неколку напади на мечки во последниве години, вклучително и еден фатален напад во 2021 година, кој беше прв во Словачка по сто години.
Членовите на новата влада на Словачка ја критикуваа, како што тврдат, прекумерната заштита на животната средина на ЕУ за предаторите, како што се волците и мечките, кои се вратија во Словачка преку Карпатите во децениите по падот на комунизмот во 1989 година.
Мечките се вообичаени долж планинскиот венец Карпати, кои се протегаат од Романија преку западна Украина до Словачка и Полска. Министерството за животна средина соопшти дека ќе претстави предлог заедно со Романија на следниот состанок на Советот на министри за животна средина на ЕУ за прекласификација на мечките на листата на заштитени видови, бидејќи нивниот број значи дека тие повеќе не се загрозени и можат селективно да бидат уништени.
Сепак, истражувачите велат дека немало експлозија кај проценетата популација на мечки во Словачка, која останува стабилна на околу 1.275.
