„СВЕТОТ НИ СЕ СМЕЕ, ТРПЕНИЕТО Е ПРИ КРАЈ“ Крива Паланка поднесе кривични пријави против АХВ затоа што не ги одзема кравите
Општина Крива Паланка денеска поднесе неколку кривични пријави до надлежното Јавно обвинителство поради непостапување по извршните решенија за одземање на добитокот, соопшти градоначалникот Сашко Митовски во обраќање пред зградата на Основниот суд во Крива Паланка.
Со пријавите се бара Обвинителството да го испита постапувањето на службените лица во Агенцијата за храна и ветеринарство и во Агенцијата за управување со одземен имот, а во врска со решенијата за одземање на кравите кои неконтролорано се движат по територијата на општината и прават штета.
Општината бара да се утврди кој бил должен да постапи по решенијата, дали имало злоупотреба на службената положба и дали со пропустите се загрозени здравјето и безбедноста на граѓаните.
– Трпението на граѓаните е при крај. На седницата на Општинскиот кризен штаб побаравме конкретен план и рок. Сè уште не знаеме кога Агенцијата ќе почне да ги спроведува сопствените решенија. Побарав и да ми ја дадат потребната надлежност за да можам како градоначалник да преземам одговорност за решавање на проблемот. До денес немам одговор ни на тоа барање – изјави Митовски.
Општината поднесе и претставка до Државната комисија за спречување на корупцијата, со барање да се испита дали во овој случај постојат елементи на корупција.
Исто така, општината бара Државниот управен инспекторат да изврши вонреден инспекциски надзор за да се утврди кои дејства се преземени по донесувањето на решенијата, каде запрела постапката и кој е одговорен за евентуалните пропусти.
Градоначалникот Митовски посочи дека стадата и понатаму влегуваат во нивите и се движат по патиштата, а деновиве добитокот е забележан и во дворот на средното училиште во Крива Паланка.
– Ги повикувам сите наши сограѓани, од градот и од селата, да застанеме покрај семејствата што предолго ја носат оваа мака. Мирно и достоинствено, заедно да побараме да се спроведат решенијата и да се стават стадата под контрола. Да ставиме крај на ова понижување за кое ни се смее светот – порача Митовски.
.
Извор: plusinfo.mk