ОБВИНЕНИЕ ПРОТИВ 9 ВЕЛЕШКИ ПОЛИЦАЈЦИ ВО ВРСКА СО СЛУЧАЈОТ „РОСИЦА“ Нејзините пријави за семејно насилство ги чувале во фиока, тоа ја чинеше живот!
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска поднесе обвинение против девет полициски службеници од Велес, кои се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување и за неизвршување судска одлука.
Според обвинението, полициските службеници во периодот од 21 февруари до 15 септември 2025 година не постапувале соодветно по пријавите на Росица Коцева за семејно насилство. Со таквото постапување, како што наведува Обвинителството, сериозно ги повредиле нејзините права, вклучително и уставно загарантираното право на живот, како и правата што ги гарантираат членовите 2 и 3 од Европската конвенција за човекови права.
Обвинетите се товарат дека не ги презеле законски предвидените мерки за заштита на Коцева, иако имале обврска да постапуваат согласно Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, како и полициските правилници и Законот за полиција.
Обвинителството утврдило дека полициските службеници не постапиле соодветно ниту во услови кога веќе биле изречени судски мерки за заштита од семејно насилство. Дел од нив, при постапувањето по пријавите, не го известиле ниту надлежниот јавен обвинител за да добијат насоки за понатамошно постапување.
Наместо да поведат соодветна постапка, доказите ги чувале во просториите на Одделението за криминалистичка полиција при ОВР Велес, без да преземат понатамошни дејствија, се наведува во обвинението.
Обвинението е поднесено од јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција. Деветтемина се товарат за кривичните дела злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 1 и неизвршување судска одлука од член 377 став 5 од Кривичниот законик.
Седум пријави пред двојното убиство
Случајот на 31-годишната Росица Коцева ја потресе јавноста во септември 2025 година, кога нејзиниот поранешен партнер Илија Стефановски ги уби неа и нејзиниот татко Киро Коцев во нивниот дом во Велес, а потоа си го одзеде животот.
На трагедијата ѝ претходел повеќемесечен период на пријави за насилство, закани и вознемирување. Росица во периодот од јануари до јули 2025 година седумпати пријавувала во полицијата дека Стефановски ја напаѓа, малтретира и вознемирува. Против него биле поведени и судски постапки за загрозување на сигурноста при семејно насилство и за насилство. На 10 април 2025 година, Основното јавно обвинителство Велес поднело обвинителен предлог за два настани – закани од 20 февруари и насилство од ноќта меѓу 3 и 4 март, при што на Росица ѝ била нанесена полесна телесна повреда.
На 26 јуни 2025 година стапиле во сила дополнителни судски мерки за заштита, меѓу кои забрана за закани, вознемирување и комуникација со Росица, како и забрана за приближување на помалку од 100 метри до нејзиниот дом. Таа во мај пријавила дека Стефановски не ги почитува мерките и продолжува да ѝ испраќа пораки и фотографии. Меѓу инцидентите што ѝ претходеле на трагедијата биле и заканувачки графити со нејзиното име низ Велес, како и ширење експлицитни фотографии и снимки.
На 10 септември, само пет дена пред двојното убиство, Основниот суд во Велес го огласил Стефановски за виновен и му изрекол условна осуда. По трагедијата, внатрешната контрола на МВР утврдила пропусти во постапувањето на полициски службеници, а бил предложен и почеток на дисциплинска постапка против 11 вработени во СВР Велес. Сега, истрагата за нивното постапување резултираше со обвинение против деветмина полициски службеници.
.
Извор: plusinfo.mk