Skip to content
Novina.mk Novina.mk
  • Следетене
  • ПОЧЕТНА
  • МАКЕДОНИЈА
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • СПОРТ
  • Video
  • МАГАЗИН
Nova.mk (2)
  • Последни
 ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ВЛЕГУВА ВО УЧИЛИШТАТА Десет наставници ќе ги обучуваат колегите за нејзина употреба
Македонија

ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ВЛЕГУВА ВО УЧИЛИШТАТА Десет наставници ќе ги обучуваат колегите за нејзина употреба

08/10/2026

AA

Околу 200 наставници од 80 средни училишта поминаа деветмесечна обука за вештачка интелигенција, а на 100-те најуспешни денеска им беа доделени сертификати. Десетмина од нив се прогласени за амбасадори за вештачка интелигенција и ќе имаат задача да ги менторираат своите колеги и да ги обучуваат за правилна и етичка употреба на оваа технологија.

Обуките се реализираа во партнерство со акредитираната високообразовна институција за студии во областа на информатичките технологии и дигиталните технологии „Брејнстер некст“ (Brainster Next).

Сертификатите на најуспешните наставници им ги додели министерката за образование и наука, Весна Јаневска, која по тој повод ја посети институцијата.

– На наставниците им е потребно знаење со кое ќе ја унапредат сопствената работа и ќе ги водат учениците низ можностите и предизвиците што ги отвора вештачката интелигенција. Благодарност до тимот на „Брејнстер некст“ што ги научи како да ја користат за да бидат покреативни и да внесуваат новини во наставата. За наставниците е важно стекнатото знаење да го споделуваат со колегите, но и да продолжат да го надградуваат – истакна Јаневска.

Таа нагласи дека вештачката интелигенција веќе го менува образованието и дека тоа е реалност што не може да се игнорира. Според неа, неопходно е наставниците да бидат подготвени да им помогнат на учениците правилно да ја разберат и да ја користат технологијата, без да ги загубат критичкото размислување и креативноста.

Јаневска посочи дека особено е важно вештачката интелигенција да се користи етички и одговорно, со разбирање на нејзините можности и ограничувања.

Таа додаде дека ова се првите наставници кои ќе бидат амбасадори за вештачка интелигенција во училиштата и ќе ги обучуваат своите колеги за нејзина правилна и етичка употреба, со цел и учениците да се насочат кон одговорно користење на технологијата.

Основачот на „Брејнстер некст“, Петар Ниновски, рече дека соработката со Министерството за образование и наука започнала пред девет месеци, со цел наставниците од средните училишта да научат правилно и етички да ја користат вештачката интелигенција.

Целта на проектот е наставниците да го подобрат секојдневното работење, да го унапредат квалитетот на наставата и да ја зголемат ефикасноста, за да можат повеќе време да посветат на активностите со средношколците и на нивното менторство.

– Во овие девет месеци организиравме 153 курсеви за вештачка интелигенција, а обучивме 195 наставници од 80 училишта, кои навистина покажаа одлични резултати. Тие во просек поминаа по 60 курсеви за девет месеци. Ги опфативме сите осум плански региони, со наставници од 80 средни училишта. Ова е само еден дел од активностите што ги спроведуваме. Курсевите беа бесплатни за наставниците и многу сум среќен што видовме голема посветеност и одлични резултати – рече Ниновски, заблагодарувајќи им се на Министерството и на министерката Јаневска за поддршката на иницијативата.

Тој посочи дека паралелно со активностите во средните училишта во Македонија биле организирани и обуки за наставници во Словенија, по што биле споредени резултатите.

Според Ниновски, и во оваа споредба се забележала голема разлика, но македонските наставници покажале висока посветеност и оствариле добри резултати.

Одговарајќи на новинарско прашање, Ниновски објасни дека обучените наставници веќе ја користат вештачката интелигенција за подготовка на материјали за часови, персонализирано и приспособено учење, симулации, визуелизации, интерактивни содржини, квизови и тестови.

Технологијата им помага и при оценувањето, давањето брзи повратни информации, следењето на напредокот на учениците, истражувањето и подготовката на проекти, како и при развивањето правилен, етички и критички однос кон вештачката интелигенција.

Како особено значајна придобивка, тој ја посочи можноста за автоматизирање на дел од административните активности што не придонесуваат директно за учењето на средношколците.

На тој начин, наставниците можат да го намалат времето што го трошат на административни задачи и да посветат повеќе внимание на работата со учениците.

Ниновски нагласи дека голем дел од инструкторите што ги воделе курсевите се експерти кои работат во компании како „Мајкрософт“ (Microsoft), „Гугл“ (Google), „IBM“, „Тесла“ (Tesla) и „OpenAI“.

– Од овие 153 курсеви, поголемиот дел од инструкторите и предавачите што ги ангажиравме работат во компании како Microsoft, Google, IBM, Tesla, OpenAI и други. Станува збор за експерти кои многу подолго работат на оваа тема отколку што ние зборуваме за вештачката интелигенција. Успеавме да ги поврземе најдобрите светски експерти со нашите професори од средните училишта. Од 80 училишта, осум од десет се надвор од Скопје, што особено ме радува – рече Ниновски.

Говорејќи за ризиците од користењето на вештачката интелигенција, особено кај младите, Ниновски рече дека нејзината употреба не треба да се сведе само на олеснување на едноставни задачи, пишување текстови или добивање брзи одговори.

Според него, технологијата нуди многу поголеми можности, меѓу кои автоматизација на процеси, истражување и поддршка во учењето.

Како пример, тој ја посочи работата со студентска група со која бил создаден агент заснован на Сократовиот метод, наменет да им помага на студентите во секојдневното учење и подлабокото разбирање на материјалот.

Со друга група студенти, пак, бил изработен агентот „Умниверзум“, кој им помага на учениците во совладувањето на математиката и во подготовките за државната матура.

– Со една група студенти направивме агент кој го користи Сократовиот метод и на тој начин им помага во секојдневното учење, поттикнувајќи ги подлабоко да го разберат она што го учат. Дополнително, со друга група студенти го изработивме агентот „Умниверзум“, кој им помага на учениците по математика и при подготовката за државната матура. Тука можеме да видиме како правилно ја користат технологијата со часови и денови за подготовка. Стотици средношколци секојдневно ја користат вештачката интелигенција за подготовка на задачи по математика – истакна Ниновски.

Министерката Јаневска рече дека обуки за вештачка интелигенција организираат и други високообразовни институции, а досега се обучени повеќе од илјада наставници.

Осврнувајќи се на опасностите од користењето на технологијата во образованието, таа посочи дека еден од најголемите ризици е учениците да добиваат готови информации без самостојно да вложат труд во нивното пронаоѓање и разбирање.

Како друг проблем ја посочи целосната доверба во алатките за вештачка интелигенција, особено во ChatGPT, кој понекогаш може да генерира неточни или измислени информации.

Според неа, постои и ризик учениците да престанат да користат печатени книги, иако читањето книги придонесува за развој на различни когнитивни способности.

– Дополнително, учениците можат да се поврзат со агентот со кој комуницираат и да развијат зависност од алатката што ја користат. Тоа би значело оддалечување од реалниот свет, со сите негативни последици што ги носи. Конечно, на некој начин можат да станат незаинтересирани за размислување, креативност и иновативност. Токму тоа се проблемите на кои наставниците треба да им укажат и против кои треба да преземат мерки, за учениците да можат да ги искористат сите придобивки од технологијата – истакна Јаневска.

На прашањето како да се спречи препишувањето со помош на вештачката интелигенција во училиштата, Јаневска рече дека постојат повеќе можности.

Како едно од решенијата го посочи персонализираното учење, кое, според неа, е сè позастапен пристап во образовните системи што ја применуваат современата технологија.

Таа објасни дека наставниците, со помош на вештачката интелигенција, можат да подготват различни тестови за секој ученик во паралелката, со што би се намалиле можностите за препишување.

– Наставникот, користејќи вештачка интелигенција, може на сите 20 или 30 ученици во паралелката да им даде различен тест. Може да подготви посебен тест за секој од нив, за да не можат да препишуваат. Ако прашањето е дали ќе препишуваат со помош на вештачката интелигенција, како Gemini, ChatGPT, Claude или која било друга алатка, тоа во последно време го решаваме со некористење на телефоните за време на наставата, односно со нивно отстранување за време на часовите. Ова е корисна алатка, но за правилно да се развива мозокот потребни се и моторички и физички активности, како и размислување – појасни Јаневска.

Таа нагласи дека вештачката интелигенција треба да ги поттикнува учениците да стекнуваат знаења, да размислуваат критички и аналитички, да ја развиваат љубопитноста и самостојно да истражуваат.

Ако технологијата се користи на тој начин, рече министерката, тогаш таа има вистинска образовна вредност.

Одговарајќи на прашање за санацијата на зградата во која е сместено Министерството за образование и наука, по поплавата предизвикана од пукната цевка пред околу десет дена, Јаневска рече дека работите се завршени.

Таа потврди дека во зградата повторно има струја и вода и дека Министерството функционира непречено.

– Должност ми е да кажам, заради вработените, дека ние и без вода и без струја секојдневно работевме и воопшто немаше застој во Министерството за образование и наука – додаде Јаневска.

.

Извор: plusinfo.mk

TACT.mk

Previous post
Next post
Последни Новини
Македонија

АПЕЛАЦИЈА СМЕТА ДЕКА КРИВИЧЕН НЕ ГИ ЦЕНЕЛ ДОВОЛНО ДОКАЗИТЕ ПРОТИВ

08/10/2026
Македонија

АПЕЛАЦИСКИОТ СУД НА 10 ДЕКЕМВРИ ПОВТОРНО ЌЕ ГО РАЗГЛЕДУВА ПРЕДМЕТОТ

08/10/2026
Македонија

МУЦУНСКИ БАРА ДА НЀ ОЦЕНУВААТ ПО ЗАСЛУГИ Кос порача Скопје

08/10/2026
Македонија

ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ВЛЕГУВА ВО УЧИЛИШТАТА Десет наставници ќе ги обучуваат

08/10/2026
Македонија

МАКЕДОНИЈА ДОЗВОЛИ БУГАРСКИ ЛЕКАРИ ДА ЈА ПРЕГЛЕДААТ ИВА МИХАЈЛОВА За

08/10/2026
Македонија

АПАРАТИТЕ ЗА ИГРИ НА СРЕЌА БИЛЕ НАБАВЕНИ СО ОДЛУКА НА

08/10/2026
Македонија

ПОСЛУЖИЛ МАЛОЛЕТНИК СО АЛКОХОЛ, ПА ТОЈ СЕ СТЕПАЛ Кривична пријава

08/10/2026
Македонија

ГИ ИСТЕПАЛ СИНОТ, СОПРУГАТА И БРАТОТ Приведен насилен битолчанец

08/10/2026
  • Економија 7905
  • Магазин 4842
  • Македонија 46057
  • Регион 3997
  • Свет 14
  • Спорт 4718
СЛИЧНИ НОВИНИ ЗА ВАС

АПЕЛАЦИЈА СМЕТА ДЕКА КРИВИЧЕН НЕ ГИ ЦЕНЕЛ ДОВОЛНО ДОКАЗИТЕ ПРОТИВ АЛЕКСАНДАР ЃОРЧЕВСКИ Дадени се укажувања

08/10/2026

Пресудата на Апелација Скопје за убиството на Вања Ѓорчевска (14) и на Панче Жежовски е напишана и е испратена во

АПЕЛАЦИСКИОТ СУД НА 10 ДЕКЕМВРИ ПОВТОРНО ЌЕ ГО РАЗГЛЕДУВА ПРЕДМЕТОТ ЗА НЕСРЕЌАТА КАЈ ЛАСКАРЦИ Закажана

08/10/2026

Апелацискиот суд на 10 декември ќе одржи јавна седница за предметот со автобуската несреќа на „Дурмо турс“ кај Ласкарци, откако

МУЦУНСКИ БАРА ДА НЀ ОЦЕНУВААТ ПО ЗАСЛУГИ Кос порача Скопје и Софија да гледаат кон

08/10/2026

Најголема желба на Македонија е нејзиниот пат кон Европската Унија и полноправното членство да биде заснован врз заслугите, а не

Novina.mk Novina.mk

©2022. All Rights Reserved.

Контакт
Privacy Policy