20% ПОВЕЌЕ УСЛУГИ ЗА СТУДЕНТИТЕ И ЗА МЛАДИТЕ Поволностите ќе се користат преку апликацијата м.услуги
Како трета мерка за младите премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, најави 20 проценти поголеми услуги за студентите и за младите, не само за студентскиот оброк, туку и за многу други услуги преку апликацијата м.услуги.
– Третата мерка, којашто во јавноста често е експлоатирана, а ја зборувавме со претставници на студентските организации во мојот кабинет е студентската картичка или студентскиот оброк. И тогаш, а и сега, сакам да кажам дека како професор, педагог и човек којшто секојдневно другарува и разговара, живее со млади луѓе, целта не може да ми биде ниту мене, ниту на моите соработници во Владата различна од тоа да бидеме пријатели и на студентите и на младите луѓе. За таа цел, разработуваме, заедно со Генералниот секретаријат, заедно со Министерството за образование, Министерството за финансии, Министерството за дигитална трансформација, апликација преку м.услуги концептот, секој студент да не добие усогласување со она што се вели инфлација, трошоци за живот, зголемување на оброкот, туку да добие најмалку 20 проценти поголеми услуги, не за топлиот оброк, туку за многу други услуги што ќе ги има користејќи ја апликацијата м.услуги – рече Мицкоски.
Тој истакна дека тоа е нешто што го немаат ниту студентите во Европската Унија, а тоа ќе го имаат студентите овде, во нашата Македонија.
– И кога ќе заврши буџетот за тој месец, да продолжат со користење на оваа апликација, да имаат дополнителни услуги кои ќе ги користат до крајот на месецот, до почетокот на следниот месец – рече премиерот.
Мицкоски ги сумираше трите проекти за младите – првиот, стан со најмалку 20 проценти попуст од пазарната цена, вториот – нула комуналии за куќа за брачна двојка до 35 години, и сето ова преку закон и третиот М-услуги привилегии за студентите и за младите луѓе – најмалку 20 проценти.
Мицкоски кажа дека овие мерки за младите ќе ги решат најважните нивни прашања – а тоа се егзистенцијата и домувањето, нагласувајќи дека нивната борба е со проекти и дела.
.
Извор: plusinfo.mk