ONE STOP SHOP ПОЧНА ДА ФУНКЦИОНИРА НА ЌАФАСАН Мицкоски и Рама очекуваат полесен проток на патниците
Новиот начин на гранично функционирање преку системот „One Stop Shop“ на граничниот премин Ќафасан ќе го олесни транспортот на патници и дополнително ќе ги зајакне врските меѓу граѓаните, изјави премиерот Христијан Мицкоски на заедничкиот настан со албанскиот премиер Еди Рама.
Мицкоски посочи дека неколку милиони патници годишно поминуваат низ овој граничен премин и изрази очекување ваквиот модел на соработка да биде воспоставен и на другите гранични премини со Албанија, со цел дополнително поврзување на граѓаните од двете страни на границата.
Според Мицкоски, „One Stop Shop“ ќе има позитивно влијание и врз развојот на туризмот и искористувањето на туристичкиот потенцијал на двете земји, посебно во охридско-струшкиот регион и албанското крајбрежје.
На почетокот на обраќањето, премиерот им го честиташе 22 Ноември – Денот на албанската азбука на припадниците на албанската заедница, нагласувајќи дека празникот има значење и за мултиетничкиот карактер на државата и придонесува за општествената кохезија.
Мицкоски упати благодарност до министерот за внатрешни работи, членовите на Владата, вработените во Министерството за внатрешни работи, Царинската управа и сите институции вклучени во реализацијата на проектот.
Посебна благодарност упати до албанскиот премиер Еди Рама за неговата лична поддршка во реализацијата на проектот.
Албанскиот премиер истакна дека новиот начин на функционирање ќе значи поедноставување на граничните процедури и поголема доверба меѓу двете земји.
Тој направи споредба со досегашниот начин на контрола на границата, посочувајќи дека новиот систем треба да донесе поинаков пристап.
-Ние имаме еден израз на албански јазик, не знам дали вие го имате на македонски: верувај, но и контролирај. Досега на овој граничен премин бевме контролирај, контролирај, но сега ќе бидеме верувај и контролирај – рече Рама.
Тој нагласи дека воспоставувањето на овој систем е уште еден чекор во соработката меѓу двете соседни земји и кон нивното приближување до Европската Унија.
Албанскиот премиер се осврна и на заедничките инфраструктурни проекти, посебно на Коридорот 8, оценувајќи дека тој претставува значаен проект не само на патот кон ЕУ и за НАТО, туку и за поврзувањето и заедничката соработка меѓу двете држави.
Рама упати благодарност до сите институции и вработени кои придонеле за реализацијата на проектот „One Stop Shop“, додавајќи дека истиот модел треба да се примени и на другите гранични премини.
.
Извор: plusinfo.mk