ВАКЦИНАЦИЈАТА ПРОТИВ ГРИП ЌЕ ПОЧНЕ ВО ОКТОМВРИ Обезбедени се 56.000 вакцини
Бесплатната вакцинација на населението против сезонски грип ќе почне месецов, соопшти министерот за здравство, Сашо Клековски.
– Направивме вонредни напори во соработка со одредени земји и директна комуникација со еден од европските производители и овој месец и во ноември ќе имаме обезбедено 56.000 вакцини за сезонски грип од планираните 80.000 вакцини. Од 56.000 вакцини за сезонски грип, 30.000 треба да пристигнат наредните 10 дена, а 26.000 околу 15 ноември. Количините што ќе ни бидат потребни за октомври и за ноември ќе ги имаме тука достапни – изјави Клековски.
Оваа година производството на овие вакцини задоцни поради тоа што Светската здравствена организација ги промени сите три соја во препорачаниот состав на вакцината против сезонски грип за северната хемисфера.
– Ваквата истовремена промена е невообичаена и предизвика доцнење во производството кај производителите на глобално ниво. Поради тоа, во повеќе земји во Европа и во регионот почетокот на вакцинацијата се очекува во ноември. Во нашата држава тендерот за набавка на вакцини вообичаено се објавува во периодот јуни-август, по објавување на соевите од СЗО. На објавениот тендер оваа година не се пријави ниту еден понудувач. Министерството веднаш презеде мерки за обезбедување вакцини по друг пат. Во последните три сезони вакцинацијата кај нас започнуваше во периодот од 16 до 25 октомври. Министерството за здравство ќе биде подготвено вакцинацијата да започне и оваа сезона во истиот период – посочи министерот Клековски.
Бесплатната вакцина е наменета за приоритетните групи: лица над 65 години, хронично болни, бремени жени и здравствени работници. Граѓаните ќе бидат навремено информирани за почетокот на вакцинацијата и начинот на закажување.
.
Извор: plusinfo.mk