КОРИДОР 10 ТРЕБА ДА ДОБИЕ „ПАМЕТНИ СИСТЕМИ“ ДО 2028 ГОДИНА Забрзано се спремаат услови за државниот дата-центар
Коридорот 10, од Табановце до Гевгелија, треба да добие интелигентен систем за следење и управување со патниот сообраќај најдоцна на почетокот на 2028 година.
Владата паралелно подготвува изградба на првиот државен податочен центар и современи системи за поавтоматизирано управување со возовите.
Овие планови ги најави заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски на 21. годишна конференција на МАСИТ, посветена на дигиталниот развој и примената на напредните технологии.
Според Николоски, петте закони потребни за воведување интелигентни транспортни системи во патниот сообраќај се подготвени и се на завршни консултации во Брисел.
– Очекувам до крајот на следната година или почетокот на 2028 година, на Коридорот 10 од Табановце до Гевгелија, веќе да имаме имплементиран интелигентен транспортен систем и потоа да почнеме да работиме на Коридорот 8 – изјави Николоски.
Истовремено, Владата подготвува законски измени за воведување современи технологии во железницата, со кои човечкиот фактор при управувањето со возовите би се свел на минимум.
Интелигентните транспортни системи овозможуваат следење на сообраќајот, собирање податоци за временските услови и подобро управување со движењето на возилата.
– Особено после она што се случи во Грција пред неколку години и ова што се случи во Шпанија пред некаде 1 месец, сметаме дека безбедноста мора да е на највисоко ниво – нагласи Николоски.
Тој посочи дека современите технологии треба да овозможат поголема автоматизација на управувањето со возовите.
– Доколку сакаме да имаме автономно управување на возовите, односно човечкиот фактор да е сведен на минимум, тогаш мора да имаме и најмодерни системи коишто тоа ќе го прават – рече Николоски.
На конференцијата Николоски зборуваше и за примената на вештачката интелигенција и за инвестициите во податочни центри.
Тој истакна дека Владата, заедно со Министерството за дигитална трансформација, работи на подготовките за првиот национален државен податочен центар.
– Прашањето е дали ние ќе фатиме чекор или ќе заостануваме. Прашањето е дали ќе одиме во оваа насока или ќе одиме во некои други насоки кои што не мислам дека се развој на државата – изјави Николоски.
Според него, веќе се работи на урбанизацијата на просторот и на завршување на правната рамка, по што треба да следува инвестицијата.
Вицепремиерот најави и продолжување на активностите за Националниот едношалтерски систем и за дигитализација на патната такса.
.
Извор: plusinfo.mk