🎥 ИСТОРИЈАТА НА ИСТОРИЧАРИТЕ, МАКЕДОНИЈА ВО ЕУ Царот Симеон со порака од Брисел
Поранешниот бугарски цар и премиер Симеон Сакскобурготски порача дека многу од историските теми треба да им се препуштат на историчарите, а политичарите да се насочат кон практичните прашања и кон членството на Македонија во Европската Унија.
Сакскобурготски ова го изјавил во Брисел за бугарскиот портал Актуално, одговарајќи на прашање каков совет би ѝ дал на Македонија за патот кон ЕУ. Тој претходно случајно се сретнал со премиерот Христијан Мицкоски, кој бил во белгиската престолнина на форум за проширувањето на Унијата.
– Мислам дека дијалогот во секој поглед е позитивен. Добрососедските односи се само во корист на сите. Треба да вложуваме напори. Пак ќе кажам нешто политички некоректно. Сметам дека многу теми би требало да ги следат и разгледуваат историчарите, а ние да гледаме напред, кон практичното и кон влегувањето на Северна Македонија во ЕУ – рекол Сакскобурготски.
Историските и идентитетските прашања со години ги оптоваруваат односите меѓу Скопје и Софија. По бугарското вето во 2020 година и договорената европска преговарачка рамка во 2022 година, внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав стана услов за продолжување на процесот на отворање на преговарачките поглавја. Македонската влада бара гаранции дека земјата нема да се соочи со нови билатерални условувања, додека Софија инсистира на исполнување на веќе преземените обврски.
Симеон Сакскобурготски е последниот бугарски цар, кој дошол на престолот како дете во 1943 година, по смртта на татко му Борис Трети. По укинувањето на монархијата во 1946 година заминал во егзил, а по враќањето во Бугарија бил премиер од 2001 до 2005 година. За време на неговата влада, Бугарија го потпиша договорот за пристапување кон ЕУ, чија членка стана во 2007 година.
.
Извор: plusinfo.mk