СТРУЈА ВО „НОВА МАКЕДОНИЈА“ ЌЕ НЕМА УШТЕ 5-6 ДЕНА Цевката пукнала на вториот кат, течело и низ инсталациите
Пет до шест дена ќе бидат потребни за нормално функционирање на зградата на „Нова Македонија“, откако е утврдено дека поплавата ја предизвикала пукната топловодна цевка на вториот кат, изјави директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Ивица Томовски, за Скопје1.
Хаваријата се случила околу полноќ, а обезбедувањето на МВР веднаш реагирало. Уште тогаш била исклучена електричната енергија.
– Пукната топловодна цевка ја предизвикала поплавата. Ова се случило ноќеска околу 12 на полноќ, кога веднаш реагирало обезбедувањето од МВР. Уште тогаш е исклучена струјата и екипите од СОЗР почнаа со санирање. Цевката се наоѓа на вториот кат од зградата – вели Томовски.
Во објектот се активирани агрегати, но струјата нема да биде вклучена додека не се отстрани влагата и не се утврди дека електричните инсталации се безбедни.
– Се активираа агрегатите, но целосната функција ќе се врати веднаш штом се санира влагата и се приклучи струјата. Бидејќи водата течела низ инсталациите за струја и е ризично – изјави Томовски.
Утрово беше објавено дека поради поплавата не работат лифтовите, компјутерските системи и серверите, а технички екипи се ангажирани за испумпување на водата и санација на дефектот.
Во зградата работат повеќе државни институции, меѓу кои Министерството за образование и наука, Државната изборна комисија и Државниот просветен инспекторат, како и делови од Министерството за економија и труд и други агенции и управи.
.
Извор: plusinfo.mk