ЦРКОВНА ДЕЛЕГАЦИЈА НА 80. РОДЕНДЕН НА РУСКИОТ ПАТРИЈАРХ Кирил им рекол на македонските делегати дека првпат доаѓаат од црква со законска автокефалија
Рускиот патријарх Кирил се сретнал со македонска црковна делегација, предводена од митрополитот Дебарско-кичевски Георгиј, во чиј состав бил и епископот Хераклејски Климент. Средбата се одржала на 21 ноември во Патријаршиската и Синодална резиденција во Даниловиот манастир во Москва, за време на посетата на македонските архиереи по повод 80-тиот роденден на рускиот патријарх.
Обраќајќи им се на гостите, Кирил ја истакнал словенската и духовната блискост меѓу двете цркви, но и фактот дека ова е прва посета на македонски претставници во својство на делегати на Црква со призната автокефалност.
„Многу нешта нè поврзуваат, веќе затоа што сме Словени, припаѓаме на кирилометодиевската традиција и го разбираме јазикот едни на други. Многу сум радосен што сега имаме можност заедно да се молиме и да служиме богослужби. Нашата денешна средба е посебна: за првпат присуствувате како делегати на Македонската црква – помесна црква која доби законска автокефалија“, рекол Кирил, објави порталот Религија.мк.
Според соопштението на Одделот за надворешни црковни врски на Московската патријаршија, Кирил оценил дека односите меѓу Московската патријаршија и Македонската православна црква – Охридска архиепископија активно се развиваат. Како пример ги посочил македонските студенти кои се образуваат во духовните училишта на Руската православна црква, како и разговорите за реализација на заеднички проекти.
Митрополитот Георгиј, од своја страна, истакнал дека македонската делегација во Москва престојува како пратеник на архиепископот охридски и македонски Стефан, со задача да ги пренесе неговите честитки и желби по повод роденденот на Кирил.
„Дојдовме како пратеници испратени од неговото блаженство архиепископот Стефан, за да ги пренесеме неговите искрени и срдечни честитки, желби за здравје и сили за понатамошно извршување на првосветителската служба“, рекол митрополитот Георгиј.
Во разговорот тој изразил благодарност за поддршката што Московската патријаршија ја дала во процесот на решавање на статусот на Македонската православна црква и доделувањето на автокефалноста од Српската православна црква.
Георгиј потсетил и на можноста што пред 20 години им била овозможена на македонските студенти да се образуваат во духовните училишта во Русија, посочувајќи дека дел од нив денес се професори во семинариите и на Богословскиот факултет, како и на други значајни црковни институции во Македонија.
Македонската делегација на Кирил му подарила икона на светите рамноапостолни Кирил и Климент Охридски.
Рускиот патријарх, пак, испратил подарок за архиепископот Стефан – комплет од две панагии и напрсен крст, а на митрополитот Георгиј и епископот Климент им подарил панагии.
Средбата е дел од серијата билатерални разговори што Кирил ги одржа со претставници на помесните православни цркви за време на одбележувањето на неговиот 80-ти роденден во Москва.
.
Извор: plusinfo.mk