МИЦКОСКИ САКА НАТО ИЛИ ЕУ ДА БИДАТ ДЕЛ ОД ПРЕГОВОРИТЕ СО БУГАРИЈА Аргументите мора да се слушнат објективно
Со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која в петок доаѓа во Скопје како дел од нејзината турнеја во земјите од Западен Балкан, ќе разговараме за актуелната состојба во врска со процесот на проширување, за предизвиците што се случија и оние што претстојат, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Тој посочи дека многу работи се случуваат во регионот, во ЕУ и во светот, кои се индикатоир каква политика и какви планови треба да гради државата.
– Кога правите план каква политика да водите треба да ги имате предвид случувањата во соседството, но и во поширокото соседство, односно во Европската Унија. Имаме неуспешен референдум во Исланд за рестартирање на преговорите со ЕУ, имаме три изборни циклуси во покраини во Германија кадешто победуваат екстремни политички структури, односно структури што не се мејнстрим. Сите тие се антимигрантски и се против проширувањето на ЕУ. Напролет имаме претседателски избори во Франција, каде според последните мерења фаворит е Марин Ле Пен и бројките велат дека таа ќе биде новиот претседател на Франција. Во моментов имаме две големи војни, во Украина и во Заливот. Така што, ова е некаков индикатор врз основа на кој ќе треба да ги градиме политиките во периодот што следи. Имаме јасна стратегија, план и јасна цел – ние нашата домашна задача ќе ја работиме, другото не е на нас – рече Мицкоски.
На новинарско прашање дали со Фон дер Лајен ќе се отвори прашањето за учество на ЕУ во преговорите со Бугарија, Мицкоски одговори дека се подготвени и сакаат да разговараат секаде и на секоја тема и во тоа е суштината на демократијата. Тој рече дека смета оти е добро во разговорите да има претставници од Европската комисија и од ЕУ за да ги слушнат аргументите објективно. Како што рече, ако некој одбива да разговара, тоа значи дека не ги почитува елементарните вредности на демократијата.
– Дури може да се разгледа и можноста за претставници од НАТО, каде што сме сојузници со Бугарија, а за жал, нашиот сојузник таму нè блокира во друга мултилатерална организација, Европската Унија. Логично е да се седне и да се разговара во присуство на претставници од ЕУ затоа што треба да се слушнат аргументите објективно. Вака, кога седиме и разговараме на билатерална основа, тоа што се разговара нема никаква суштина. Ниту, пак, потоа брифирањето по тие средби е онака како што се разговарало. Ценам дека за да имаме некаков ефект и суштина од тие разговори, добро е да има претставници од Европската комисија, од ЕУ, за да ги слушнат аргументите. Ако нашите аргументи не држат, тогаш ние сме подготвени да ги прифатиме и другите аргументи. Но, ајде да ги слушнеме аргументите, да зборуваме за повелбите на самата Европска Унија, за вредностите, за институционалната меморија. Ние сме подготвени за сето ова да седнеме и да разговараме и да најдеме начин. За нас тоа е константа и тука нема промени во ставот – рече Мицкоски.
На новинарско прашање одговори дека нема комуникација со бугарскиот претседател Румен Радев.
Мицкоски додаде и дека не би го коментирал она што го објавува еден медиум, прашан за пишувањата на бриселски „Политико“ кој вчера објави дека ЕУ подготвува патокази со конкретни чекори за пристапување на најнапредните земји кандидатки за членство – Црна Гора и Албанија, како и Украина и Молдавија“, а другите земји кандидатки во оваа фаза нема да добијат патокази.
– Претпоставувам дека се повикува на некои извори во Унијата. Ќе треба да ја прашаме ЕУ дали е тоа точно и ако е точно, зошто е тоа така, имајќи предвид дека ние испорачуваме најголем дел од реформите, кои се дел од Реформската агенда и Планот за раст, и тоа веќе два извештајни периоди по ред. И ако во процесот на пристапување кон ЕУ кандидатите се оценуваат врз основа на заслуги, тогаш за мене е нелогично ако е ова точно. Но, првин треба да видиме дали е тоа така или не е. Моите информации не велат дека е тоа така – изјави Мицкоски.
.
Извор: plusinfo.mk