
Спасовски останува координатор: СДСМ ги надмина внатрешните недоразбирања!
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, денеска изјави дека пратеникот Оливер Спасовски ќе продолжи да ја извршува функцијата координатор на пратеничката група, нагласувајќи дека недоразбирањата кои настанале меѓу нив се надминати. Тој потврди дека Спасовски, меѓу двата круга од локалните избори, побарал да биде ослободен од функцијата.
Филипче објасни дека реакцијата на Спасовски била предизвикана од „техничко недоразбирање“ поврзано со начинот на споделување на еден документ со другите политички партии.
„Разговаравме, ја расчистивме ситуацијата и сметам дека неговата реакција беше разбирлива, бидејќи се создаде непријатен момент кој не беше намерен. По разјаснувањето, Спасовски останува координатор на пратеничката група“, изјави Филипче.
Тој најави дека СДСМ од утре ќе започне со објавување серија прес-конференции под наслов „страшни скандали“, со цел, како што рече, граѓаните да добијат увид во однесувањето на лица блиски до Владата.
Спасовски претходно изјави дека размислувал да се повлече токму во периодот кога се подготвувала Резолуцијата за односите со Бугарија. Според него, несогласувањето произлегло од различни ставови во дел од партиското раководство, особено околу идејата за воведување „црвени линии“ во билатералниот процес.
