МИЦКОСКИ ОД БРВЕНИЦА ПОВИКА ДА СЕ ЗАОКРУЖИ БРОЈОТ 1 На Македонија ѝ требаат успеси, резултати и проекти, а не поделби
Брвеница заслужува развој, заслужува сигурност, заслужува иднина во која младите ќе остануваат, семејствата ќе напредуваат, а секој човек, без оглед на неговата национална, верска или политичка припадност, ќе чувствува дека ова е неговиот дом, неговата општина и неговата држава – порача вечерва претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на завршниот митинг од Брвеница, пред вториот круг избори за градоначалник на општината што ќе се одржи в недела.
– Денес сум овде со една едноставна, но силна порака. Една Брвеница за сите. Силата на една општина не се мери само со бројот на изградени улици, водоводи и училишта. Таа се мери и со довербата меѓу луѓето. Со чувството дека никој не е заборавен, дека никој не е оставен сам и дека институциите постојат за да му служат на граѓанинот, а не граѓанинот да им служи на институциите. И токму затоа денес сакам да зборувам за една Брвеница која не се дели. За Брвеница која ги обединува своите луѓе. За Брвеница во која различностите не се причина за поделби, туку богатство што треба да го чуваме – рече Мицкоски.
Според него, во политиката постојат два вида луѓе, како што рече, едните доаѓаат пред граѓаните кога им треба нивниот глас, а другите остануваат со граѓаните и тогаш кога ќе завршат изборите, кога ќе се изгаснат камерите и кога ќе започне вистинската работа.
– Јас верувам во вторите. Верувам во луѓето што не бараат изговори, туку решенија. Во оние што не ја гледаат функцијата како привилегија, туку како обврска. Во оние што знаат дека зад секоја одлука стои нечиј живот, нечија мака, нечија надеж. И затоа е Брвеница важна. Важна е не само за луѓето кои живеат овде, туку и за цела Македонија. Затоа што овде се покажува карактерот и ставот на народот, неговата решителност и неговата јасна определба за тоа каква иднина сака, каква држава посакува и за каква Македонија сме подготвени да се бориме. А изборот е јасен и појасен не може да биде – рече Мицкоски.
Од една страна, додаде Мицкоски, се оние кои сакаат да нè вратат назад, во времето на поделбите, политичките пазарења и личните интереси, а од другата страна се луѓето кои веруваат дека Македонија мора да оди напред, дека државата им припаѓа на сите нејзини граѓани и дека иднината не смее да биде заложник на ничии политички калкулации.
– И затоа сакам да ви кажам нешто многу важно. Кога некој постојано продава етнички магли, кога отвора национални прашања секогаш кога нема што да понуди, кога поважно му е нечие име или презиме отколку неговиот карактер, кога етничката припадност ја става пред трудот, чесноста, енергијата и љубовта кон Македонија, тогаш имате сериозна причина да се запрашате какви се неговите вистински намери – рече Мицкоски.
Тој нагласи дека патриотизмот не се докажува со националистички пароли, туку со дела, со чесна работа, со одговорност и со човечко почитување, а оние, додаде, што најгласно зборуваат за национални интереси, многу често најмногу мислат на сопствените лични интереси – колку повеќе зборуваат за народот, толку повеќе треба да ги гледаме нивните дела.
– И колку повеќе се кријат зад национализмот, толку повнимателно треба да се прашаме дали зад него стои вистинската грижа за граѓаните или само желба за власт и привилегии. Овде, во Брвеница, политички се соочуваме со коалицијата којашто ја предводи ДУИ. А нив добро ги познавате. Ги знаете како буквар. Тоа се истите оние политичари кои со години ја имаа власта повеќе од две децении, и наместо да се занимаваат со проблемите на граѓаните, јавноста ги гледаше како играат фудбалчиња и кошаркарски партии во кабинетите. Оние чие владеење го одбележаа бројни прашања за тендери, привилегии и блискоста со одредени бизнис-кругови. Оние кои постојано зборуваа за правата на Албанците, а денес треба да одговараат што конкретно направиле за подобар живот на обичниот Албанец, на обичниот Македонец или на било кое друго семејство коешто живее во оваа држава. Затоа што сиромаштијата нема националност. Корупцијата не прашува на кој јазик зборувате. А кога политичарите работат за себе наместо за народот, штетата тогаш ја плаќаат сите. И токму затоа е време да се стави крај на политиката која ги дели луѓето за да може полесно да владее со нив – истакна Мицкоски.
Тој повика на обединетост за подобар живот, за посилна Брвеница, за Македонија во која ќе има место и можности за секој човек.
– Брвеница има вредни луѓе, земјоделци кои секое утро стануваат пред сонцето, стопанственици кои создаваат работни места, наставници кои ја градат иднината на нашите деца, лекари, работници, пензионери, млади луѓе со идеи и амбиции, семејства кои со чесна работа и многу откажувања создавале домови и иднина. Тие луѓе не бараат невозможни работи. Бараат пристојни услови за живот. Бараат патишта по кои безбедно ќе се движат, чиста вода во своите домови, уредени училишта, функционални јавни услуги и институции кои ќе им служат. И тоа не е луксуз. Тоа е право на секој граѓанин – истакна тој.
Мицкоски посебно се обрати на младите луѓе од Брвеница, истакнувајќи дека тој како претседател на Владата, има обврска да се бори за држава и да обезбеди подобар живот на младите.
– Знам дека многумина од вас размислуваат за заминување. Знам дека има и такви коишто гледаат кон Германија, Швајцарија, Австрија и некои други западноевропски земји, барајќи подобра плата, повеќе можности и поголема сигурност. И никого нема да осудувам поради тоа. Секој човек има право да бара подобар живот. Но како претседател на Владата имам обврска да работам за Македонија, да се борам за Македонија да стане земја во која заминувањето нема да биде нужност, туку избор. Земја во која млад човек ќе може да успее со сопствениот труд. Земја во која вреди да се формира семејство, да се инвестира, создава и да се остане. Затоа е важно да се обединиме. И затоа денес ве повикувам сите заедно, жителите на Брвеница да го поддржиме Стојанче Радичевски нашиот Цоки – повика Мицкоски.
Тој рече дека Радичевски е канидатот на сите граѓани и оти тој е изборот кој може да донесе подобар живот, живот за сите – за членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ, на нашата коалиција, на СДСМ, на ВРЕДИ, на ДУИ, за политички определените и неопределените, за секој човек кој ја сака Брвеница и кој сака Брвеница да оди напред.
– Изборот овде е јасен: иднина или назадување. Да покажеме дека можеме да бидеме различни, а сепак обединети. Дека можеме да имаме различни ставови, а сепак да ја сакаме нашата заедничка татковина Македонија. Дека можеме да се натпреваруваме во политиката, а да бидеме заедно кога се работи за иднината на нашите деца – порача Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ раскажа една случка при посетата на селото Теново. – Иако многу пати можност да поминам време овде во оваа општина во различни населени места, последниот пат за мене беше исклучително впечатлив кога поминавме неколку населени места коишто во суштина се мултиетнички и повеќе конфенсионални. Во едно населено место во Теново едно прекрасно, убаво место една до друг беа и џамијата и црквата. Еден човек од луѓето коишто беа присутни тука ми повлече за раката и ми рече: Дојди да ти кажам нешто. Се повлеков неколку чекори заедно со него, ми вели ја гледаш џамијата, да велам ја гледам, ја гледаш црквата? Да, велам ја гледам, е ние овде се поздравуваме, се молиме на ист Бог во различни верски храмови. Муслиманите влегуваат во џамијата, а христијаните православни влегуваат во црквата. И така е со години, така е со децении и така е со векови. И така ќе биде со децении, со векови, но има политичари коишто изминативе денови па и денес се обидуваат да ве делат – рече Мицкоски.
Тој им порача на жителите дека оние кои сакаат да ги поделат и по етничка и по верска и по било каква линија, се луѓе кои во својот скромен политички опус нема да останат по ништо запознати освен по поделбите.
– По ништо нема да ги запомниме, само по поделбите. Треба да знаете дека ќе помине 1 Ноември, ќе дојде 2 Ноември, тие ќе заминат и прашање е дали некогаш повторно ќе се вратат овде. А, вие и во Теново и во Радиовце и во Брвеница и во Седларце и во Милетино и во Челопек и во сите други населени места ќе продолжите да живеете еден покрај друг. Ќе си бидете поддршка еден на друг. И кога вашите најмили поради тоа што некој одлучил да ве дели ќе одлучат да заминат некаде, вашите деца, вашите внуци, без разлика каде дали тоа ќе биде миграција внатрешна или ќе заминат надвор тогаш подеднакво ќе боли солзата на мајката Албанка и на мајката Македонка, подеднакво ќе боли солзата на старата мајка Албанка и на старата мајка Македонка. Сетете се ова што ви го зборувам, тие нема да бидат тука со вас, повторно ќе бидеме ние, оваа Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата – рече тој.
Мицкоски рече дека причината поради која го зборува тоа е дека тие беа причината илјадници млади луѓе да заминат, и сега без трошка каење, без трошка срам, ги молат да се вратат и повторно да ги делат, без притоа да понудат ниту малку иднина и проекти.
– Тие не зборуваат за проекти, тие не го знаат тој речник, имаше градоначалници и градоначалници. Имаше влада во којашто беа повеќе од 2 децении, колку проекти направија за Брвеница? Нула, нула проекти. Сакате проекти? Нула. Сакате по тоа да се мериме? Денеска се прават спортски сали, училишта се реновираат, спортски игралишта, патни делници се асфалтираат. Тоа е разликата меѓу оваа Влада на ВМРО-ДПМНЕ и владата во којашто повеќе од две децении беше Демократската унија за интеграција. Освен поделби, ништо – рече Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ повика в недела да се гласа за Стојанчо Радичевски, за бројот 1.
– Сакате за правда да збориме? Ајде да збориме за правда. Сетете се на модуларната болница, сетете се како луѓе живи гореа и сетете се на одлуката на врховниот суд, видете ги судиите коишто ја донесоа таа одлука на 22 октомври, овој месец, кога ги ослободија тие луѓе. Истите тие луѓе. Зашто? Затоа што се блиски до раководството на ДУИ. Сакаме ли таква правда? Тоа ли е иднината на Македонија? Тоа ли е нашата заедничка иднина и на Македонците, и на Албанците и на останатите заедници коишто живееме едни покрај други со векови. Затоа ве повикувам масовно да излеземе и да го заокружиме бројот 1. Да заокружиме за Стојанчо. Да ги поразиме овие политичари на минатиот век. Овие луѓе не се политичари на иднината. Затоа што на Македонија не и се потребни нови поделби, и се потребни успеси. Не и се потребни изговори, потребни се резултати. Не и се потребни политичари кои ќе кажуваат зошто нешто не може да се направи, туку луѓе кои ќе најдат начин тоа да се направи. И таа наша обврска, таа наша борба е борба од која не смееме да се откажеме. Една Брвеница за сите, една иднина што ќе ја градиме заедно. Една Македонија што ќе оди напред. Одиме на убедлива победа – заклучи Мицкоски.
Кандидатот за градоначалник Радичевски од своја страна рече дека Општината е на сите граѓани од Брвеница до Челопек без разлика на етничка и политичка припадност, затоа во недела да излеземе сплотени и да заокружиме број 1.
– Овој поглед ме прави горд и ми дава дополнителна сила да продолжиме да ја негуваме и да ја сочуваме силата на единството. Кога ве гледам пред мене сите сплотени и обединети е порака дека Брвеница сака развој, напредок и подобри услови за живот. Таа е и обврска резултатите да продолжат, а и доверба што треба да ја оправдаме со конкретни дела“, рече кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на општина Брвеница, Стојанчо Радичевски на денешниот завршен митинг пред вториот круг од локалните избори кои ќе се одржат во недела на први ноември – рече тој.
Вечерва, додаде Радичевски, ви се обраќам како ваш пријател, познаник и сосед, како човек кој ја сака Брвеница и сака нашата општина да биде успешна. Во изминатиот период со многумина од вас ја споделив својата визија за иднината на општината, секој разговор, секоја средба, секоја искажана потреба се одговорност, а таа одговорност бара посветеност, присуства на терен и конкретна работа.
Посочи дека во наредните години, пред нас се важни предизвици, тоа се проблеми со водоснабдувањето, локални патишта, зимско одржување, условите во училиштата и можностите за младите и сите овие прашања бараат сериозен пристап, планирање и решенија што ќе го подобрат секојдневието на граѓаните.
Тој упати порака дека Брвеница не припаѓа ниту на една партија, ниту на една етничка заедница, туку припаѓа на сите граѓани од Брвеница до Челопек без разлика на етничката, верската или политичката припадност.
– Сакам да бидам јасен, оваа општина не припаѓа на една партија, ниту на една етничка заедница. Брвеница е на сите што живеат овде во Брвеница, Седларце, Стенче, Волковија, Блаце, Милетино, Радиовце, Челопек и Гургурница, на сите без исклучок. Никој не треба да биде исклучен, потценет или заборавен, ќе продолжиме да живееме едни покрај други, да ги споделуваме истите предизвици и да работиме за подобра иднина. Нашето заедништво е вредност што треба да го чуваме. Брвеница има потреба од дијалог, меѓусебна почит и заедничка одговорност. Македонци, Албанци, Турци и припадници на сите други заедници треба да имаат еднакви можности, достоинствени услови за живот и перспектива на своите семејства. Нашата визија треба да биде насочена кон иднината, кон развојот, кон конкретни резултати. Развојот на општината не смее да познава поделби. Секое населено место заслужува внимание, секој граѓанин заслужува почит, а секоја добра идеја заслужува поддршка – потенцира Радичевски.
Радичевски истакна дека можностите за младите, квалитетно образование, подобра инфраструктура и создавањето на услови за економски развој се приоритетите што бараат долгорочна посветеност, затоа што младите треба да имаат можност да ја градат својата иднина покрај своите родители и покрај своето семејство и на своето огниште, да имаат можност да работат, да создаваат, да ги градат своите домови во општината во која пораснале.
Една Брвеница за сите, додаде Радичевски, е визија на долгорочен и рамномерен развој, тоа е идејата што ги опфаќа сите населени места, сите генерации и сите граѓани, зошто Брвеница има потреба од заедничка одговорност, соработка и конкретни проекти што ќе донесат подобар живот и нашата иднина ќе ја градиме со јасни приоритети, со посветеност и со почит кон секој човек.
– За нашата општина, за нашите деца и за нашите идни генерации, во недела ве повикувам да ја продолжиме идејата за една Брвеница за сите, да гласаме за бројот 1, да ја заокружиме заедничката победа, да ја сочуваме силата на единството. Една Брвеница за сите – повика на крај кандидатот за градоначалник, Стојанчо Радичевски.
.
Извор: plusinfo.mk