СЕРИЈА ТЕШКИ КРАЖБИ ВО ТЕТОВСКО, ПАДНАЛ И СЕФ ОД 400 КГ Двајца се во притвор, по уште двајца се трага
Сеф тежок околу 400 килограми успеале да изнесат од куќа во тетовското село Палчиште четворица осомничени за серија тешки кражби. Според првичните проценки, вкупната материјална штета достигнува околу 15 милиони денари.
Основното јавно обвинителство Тетово повело постапка против четворицата поради основано сомнение за продолжено кривично дело „Тешка кражба“. Станува збор за осомничени, а нивната вина не е утврдена со правосилна пресуда.
Според информациите во доставениот материјал, од април до септември групата провалила во повеќе од 10 куќи во неколку села во Општина Боговиње.
Од домовите биле одземани поголеми суми пари, златен накит и огнено оружје кое сопствениците го поседувале со дозволи.
„Најтешкиот“ плен во буквална смисла бил од куќа во Палчиште. Осомничените успеале да изнесат цел сеф тежок околу 400 килограми.Обвинителството продолжува да обезбедува материјални докази за комплетирање на предметот.
За двајца осомничени е определен краткотраен притвор од 48 часа. По другите двајца се трага, а мерката треба да почне да се применува по нивното пронаоѓање и лишување од слобода.
.
Извор: plusinfo.mk