СЕ ОБИДЕЛЕ ДА ПРЕГАЗАТ ПОЛИЦАЈЦИ ПРИ ПРЕТРЕС ЗА ДРОГА Им се заканувале по животот, па побегнале со „бмв“
Двајца мажи со автомобил се обиделе да прегазат полициски службеници во гостиварското село Чегране, додека полицијата вршела претрес во домот на 26-годишен жител. Напаѓачите им се заканувале по животот на полицајците, по што побегнале, но набргу биле уапсени.
Инцидентот се случил на 12 ноември, за време на полициска акција во која била пронајдена бела прашкаста материја, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
Според соопштението на МВР, двајцата осомничени пристигнале пред куќата со автомобил „бмв“ со гостиварски регистарски ознаки.
„За време на преземањето на службените дејствија, пред домот на Х.С., со патничко возило ‘бмв’ со гостиварски регистарски ознаки се доближиле В.Ч.(24) и А.Н.(35), двајцата од с.Чегране“, наведува МВР.
Во продолжение на соопштението се опишува обидот за напад врз полицајците.
„Со возилото се обиделе да ги прегазат полициските службеници и им упатиле закани по животот“, соопшти полицијата.
Двајцата потоа го напуштиле местото на настанот.
„По што побегнале, но набргу, по преземени мерки, пронајдени се и лишени од слобода“, се наведува во соопштението.
Претходно, полицијата го уапсила Х.С. (26) од Чегране, на 12 ноември во 20:35 часот.
При преглед на автомобилот „мицубиши“ што го управувал, полициските службеници пронашле сомнителна материја.
„При преглед во патничко возило „мицубиши“ со гостиварски регистарски ознаки, кое го управувал, била пронајдена и одземена бела прашкаста материја“, соопшти МВР.
Потоа, врз основа на судска наредба, бил извршен претрес и во домот на Х.С., каде што била пронајдена дополнителна бела прашкаста материја.
Во акцијата биле уапсени вкупно три лица.
.
Извор: plusinfo.mk