РАДИЧЕВСКИ НАЈАВИ НОВИ ПРОЕКТИ ВО БРВЕНИЦА Од локални патишта и водоснабдување до дигитални услуги
На вечерашниот митинг во Општина Брвеница, во рамките на предвремените локални избори, под слоганот „Една Брвеница за сите! Да ја сочуваме силата на единството!“, се обрати кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, Стојанчо Радичевски.
Тој порача дека ја очекува поддршката од граѓаните за реализација на проекти и инвестиции и за продолжување на развојот на Општина Брвеница.
– Почитувани сограѓани, ова е избор помеѓу продолжување на работата и враќање наназад, помеѓу транспарентност и неизвесност. Затоа ве повикувам на единство, да ги завршиме проектите за подобри улици, подобри училишта, подобри услови за секое семејство во нашата општина. Ветувам дека ќе продолжиме да работиме посветено, транспарентно и чесно, за поубава Општина Брвеница која се развива, со подобри услови за сите нејзини жители, без разлика на возраст, потекло или политичко уверување – рече Радичевски.
Кандидатот за градоначалник нагласи дека програмата за која ја бара поддршката од граѓаните не е листа на ветувања, туку продолжување на конкретни проекти, со рокови и извори на средства, кои, како што рече, ќе се реализираат во интерес на граѓаните.
– Во делот на инфраструктурата, ветувам дека ќе продолжиме со изградба, реконструкција и рехабилитација на локалните патишта во Челопек, Теново, Стенче, Волковија и Блаце, како и со доизградба на канализациските мрежи во Седларце, Брвеница, Челопек, Блаце и Милетино. Планираме доградба и реконструкција на општинската зграда, изградба на систем за водоснабдување во Челопек и развој на инфраструктурата во индустриската зона „Брвеница“, за да привлечеме нови инвестиции и нови работни места за нашите сограѓани. За младите и економијата, отвораме локален иновациски фонд „Млади со идеи“, бизнис-инкубатор „Мој бизнис, моја општина“, центар за знаење и практични вештини, како и програми за поддршка на женското претприемништво и руралниот развој преку „Село со бизнис“ – рече Радичевски.
Тој подочи дека нема да ги заборави ниту на најмладите и најстарите.
– Градиме нова детска градинка во Челопек, ја доградуваме градинката во Брвеница, отвораме дом за стари лица со капацитет до 50 корисници и ќе инвестираме во енергетска ефикасност и пристапност на училиштата за децата со посебни потреби. Во дигиталната ера, воспоставуваме бесплатен интернет на јавни места, платформа за е-услуги, систем на отворени податоци и платформа „Ти си дел од процесот“ за директно граѓанско учество во одлуките – посочи Радичевски.
Кандидатот за градоначалник Радичевски ги повика граѓаните да се обединат и да го дадат својот глас за број 1, за Општина Брвеница да продолжи да се гради и развива.
– За да ги реализираме сите овие проекти, ми треба ваша поддршка и помош. Затоа ве повикувам на овие предвремени локални избори да ми ја дадете довербата и да го дадете својот глас за број 1, за да продолжиме да ја градиме Брвеница во подобро место за живеење – истакна Радичевски и додаде:
„Една Брвеница за сите! Да ја сочуваме силата на единството и да покажеме дека сплотени и обединети ќе продолжиме да работиме заедно“.
.
Извор: plusinfo.mk