ПОПРАВЕН Е ТОМОГРАФОТ НА РАДИОЛОГИЈА Ќе се работи во две смени за да се снимат сите пациенти што чекаат
Од денеска е ставен во функција еден од компјутерските томографи на Универзитетскиот институт за радиологија – Скопје и е достапен за извршување дијагностички прегледи, соопшти Министерството за здравство.
Со цел навремено обезбедување на здравствените услуги, Институтот започна со организирано повикување и закажување нови термини за сите пациенти чии прегледи беа привремено презакажани поради настанатата состојба.
За таа цел, организирана е работа во две смени, како и дополнителна работа во текот на претстојниот викенд, со цел во најкраток рок да се реализираат прегледите, согласно расположливите капацитети и утврдените медицински приоритети.
– Во однос на компјутерскиот томограф, лоциран во хируршкиот комплекс и наменет првенствено за дијагностичка обработка на итни пациенти, сервисната постапка сѐ уште е во тек и се очекува да заврши во најскоро време. Постапувањето со итните пациенти продолжува согласно воспоставената меѓуинституционална координација и организација за обезбедување континуитет на неопходните дијагностички услуги, односно итните пациенти се згрижуваат во ГОБ „8 Септември“ и во Хируршката клиника „Св. Наум Охридски“ во Скопје – додаваат од Здравство.
Оттаму апелираат во јавноста да не се изнесуваат непроверени информации, со цел да не се нарушува довербата во здравствениот систем.
.
Извор: plusinfo.mk