ИВА МИХАЈЛОВА „ПОИНТЕРЕСНА“ И ОД КОРИДОРОТ 8 И ОД ВЕТОТО ВО ЕУ Како известуваа бугарските медуми за средбата Муцунски – Петрова-Чамова во Софија
Бугарските медиуми главно известуваа за средбата на министрите за надворешни работи Тимчо Муцунски и Велислава Петрова-Чамова преку официјалните информации и изјавите дадени по разговорот, без поголема политичка дебата, коментари или аналитички осврти.
Повеќето објави се однесуваат на барањето на Софија Македонија да ги исполни обврските од 2022 година и да даде временска рамка за уставните измени. Порталот „News.bg“ го постави прашањето „Кога ќе ги исполните условите за членство во ЕУ?“, додека bTV известува дека „Бугарија побарала информација за роковите за исполнување на преземените обврски“.
Бугарското национално радио (БНР) исто така се задржа на официјалните пораки, со наслов дека „Софија бара рокови за исполнување на обврските кон ЕУ“. Весникот „Марица“, пак, избра поостар пристап, нагласувајќи дека „Бугарија не отстапува од позицијата и ги чека уставните измени“.
Агенцијата БГНЕС ја пренесе оценката на Муцунски дека позициите на двете земји остануваат многу оддалечени, но дека дијалогот ќе продолжи. Сепак, во прегледаните објави не се издвојуваат повеќе независни политички реакции, партиски коментари или пошироки анализи за можните последици од средбата. Преовладуваат кратки извештаи засновани врз изјавите на министрите и официјалните соопштенија.
Коридорот 8, иако беше повод за министерската конференција во Софија, остана во втор план во поголем дел од медиумските објави за билатералната средба. Наместо инфраструктурата и регионалното поврзување, насловите главно се занимаваа со спорот околу европската интеграција и случајот со Ива Михајлова.
Дел од медиумите го најавуваа прашањето уште пред средбата, а потоа нашироко известуваа за договорот бугарски лекари да ја прегледаат Михајлова во Македонија. БНР објави и посебен текст во кој Михајлова го обвини Муцунски дека „ја довел во заблуда бугарската јавност“.

.
Извор: plusinfo.mk