ФИЛИПЧЕ ЛАЖЕ, ФОН ДЕР ЛАЈЕН ГО ДЕМАНТИРАШЕ СО ИЗЈАВАТА Реформите добија оценка „импресивно“ од Европската комисија
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ги демантирала лагите со кои лидерот на СДСМ Венко Филипче и опозицијата ја „трујат“ јавноста, вели премиерот Христијан Мицкоски во ТВ гостување.
Според Мицкоски, оценката дека Владата спроведува „импресивни“ реформи е потврда од највисокото ниво на Европската комисија дека Македонија напредува, иако уставните измени остануваат пречка за продолжување на евроинтеграциите.
При својата посета на Скопје минатиот петок Фон дер Лајен изјавиЕвр „има уште многу работа, но импресивно е она што го направивме досега“, велејќи дека според неа Македонија веќе интензивно работи на неопходните реформи и дека процесот на интеграција може да оди брзо.
Коментирајќи ја изјавата премиерот вели дека тоа е јасен одговор кон обвинувањата на опозицискиот СДСМ и демант на лагите на лидерот на СДСМ Венко Филипче:
– Пораката од претседателката на Европската комисија беше многу јасна и децидна и го демантираше она што го зборува домашната опозиција. Таа вели дека правиме импресивна работа. Тоа претставува највисоко ниво на суперлатив. Таква реторика немаше на претходните дестинации што ги посети – изјави премиерот.
Премиерот истовремено призна дека не е задоволен од динамиката на евроинтеграцискиот процес, но оцени дека разговорот со Фон дер Лајен бил содржаен и пријателски.
Тој објасни дека забелешките за застојот на Македонија на европскиот пат биле изнесени во контекст на заедничката цел земјата еден ден да стане членка на Европската Унија.
– Не сум задоволен од динамиката на процесот. Нашата цел е да најдеме начин некако да го придвижиме процесот напред – рече Мицкоски.
Во таа насока, премиерот го спомена и новиот документ објавен од Европската комисија, кој го оцени како охрабрувачки, но потсети дека за неговото спроведување е потребно усвојување од Европскиот совет.
„Да го придвижиме процесот, но да го задржиме достоинството“
Мицкоски потврди дека уставните измени и натаму се дел од условите за напредување во евроинтеграцискиот процес, но одговорноста за нивното прифаќање ја префрли врз претходната влада на СДСМ и на ДУИ.
– Никогаш не сме кажале дека тој услов не останува. За жал, претходната влада на СДСМ и ДУИ прифати нешто што е дел од овој процес – изјави премиерот.
Според него, сегашната Влада се обидува да најде начин за придвижување на преговорите, но без нови отстапки што би го нарушиле достоинството на државата.
Тој повторно ја поврза обврската за уставни измени со претходната промена на уставното име на Македонија.
– Нашата цел беше да најдеме начин да го задвижиме процесот, а притоа да успееме да го задржиме достоинството, кое со прифаќањето на тој услов беше не само уништено, туку буквално закопано, ако се има предвид дека претходно му претходеше едно друго понижување, а тоа беше промената на уставното име – рече Мицкоски.
Премиерот ги отфрли и обвинувањата на опозицијата дека Владата не ги исполнила ветувањата во врска со европските интеграции, оценувајќи ги како политички напади што не ја одразуваат реалната состојба.
„Сè уште се живее тешко, но Македонија има сериозни резултати“
Говорејќи за економијата, Мицкоски призна дека животниот стандард на граѓаните останува тежок, но тврди дека економските показатели покажуваат подобрување.
Тој посочи дека Македонија во вториот квартал од 2026 година остварила раст на бруто-домашниот производ од 4,3 отсто, со што, според неговата пресметка, се нашла меѓу петте европски земји со највисок годишен економски раст во тој квартал.
– Веќе осум-девет квартали се наоѓаме во горната половина од европските земји, а во последниот квартал, односно вториот во 2026 година, сме меѓу првите пет земји во Европа според растот на економијата во споредба со истиот квартал од претходната година – изјави премиерот.
Тој додаде дека во јули и во август извозот растел побрзо од увозот, што го оцени како уште еден позитивен показател.
За инфлацијата, Мицкоски изнесе тврдење дека нејзината просечна стапка во третиот квартал била за 25 отсто пониска од европскиот просек за истиот период.
– Ќе се согласите дека тоа е некаков успех во овие околности – рече тој.
Премиерот нагласи дека светските и регионалните економски предизвици не можат да бидат оправдување за тешкиот живот на граѓаните, но смета дека сегашната Влада постигнува подобри резултати од претходната.
Според него, Македонија денес подобро се справува со економските и со енергетските предизвици отколку во 2022 година, кога земјата исто така се соочуваше со последиците од глобалната енергетска криза.
.
Извор: plusinfo.mk