ПО ТРИТЕ ОСНОВНИ УЧИЛИШТА, ДОЈАВА ЗА БОМБА И ВО СРЕДНОТО „КИРИЛ ПЕЈЧИНОВИЌ“ Сите пријави биле лажни, полицијата трага по испраќачот
Четири училишта во Тетово денеска добиле дојави за поставени бомби, но полициските проверки покажале дека станува збор за лажни пријави. По трите основни училишта, во кои дојави пристигнале во утринските часови, попладне била испратена и порака за наводна експлозивна направа во средното училиште „Кирил Пејчиновиќ“.
Од СВР Тетово за Плусинфо ја потврдија информацијата. Оттаму информираат дека првите дојави пристигнале на електронската адреса за поплаки на полицијата, а се однесувале на основните училишта „Илирија“, „Мариф“ и „Јахја Кемал“.
Подоцна во текот на денот пристигнала уште една дојава, овојпат за средното училиште „Кирил Пејчиновиќ“.
Според информациите од полицијата, електронските пораки биле испратени од различни адреси, кои веднаш потоа биле избришани.
Полициските службеници извршиле проверки на терен, училиштата биле испразнети, а учениците биле во безбедносен појас. Откако било утврдено дека дојавите се лажни, продолжила наставата во сите четири училишта. Од СВР Тетово велат дека преземаат мерки за откривање на лицето што ги испратило заканувачките пораки.
.
Извор: plusinfo.mk