ПИТА ДОЛГА 4,4 МЕТРИ ЈА ОТВОРИ „ПИТИЈАДА“ ВО ВЕЛЕС Џиновскиот специјалитет со рекордна тежина од 90 килограми
Со сечењето на џиновската пита, синоќа во Велес започна традиционалната манифестација „Питијада 2026“. Годинашната пита била долга рекордни 4,4 метри и тешка 90 килограми, а за нејзината подготовка на мајсторите од фурната „Гемиџии“ им биле потребни седум часа, 28 килограми тесто, 45 килограми месо и 370 јајца.
Од Општина Велес информираат дека питата ја подготвил тимот на фурната „Гемиџии“, под надзор на шефот Горан Богоевски. Во подготовката учествувале Ангел Костов, Зоранчо Илиевски, Лазе Коцевски, Благојче Николов, Паскал Јамалов, Кристина Маневска, Веле Глигоров и Никола Лазаревски, заедно со Александар Јамалов и најмладите членови на тимот, Георгиј и Калина.
„Велес постави нов рекорд – вештите раце на пита-мајсторите подготвија џиновска пита во должина од 4 метри и 40 сантиметри“, соопштија од Општината.
Според објавените податоци, за подготовката биле употребени и 17 килограми брашно, како дел од вкупните состојки за питата.
Годинашното издание на „Питијада“ има и хуманитарен карактер. Во соработка со Црвениот крст – Велес, од продажбата на питата биле собрани средства што ќе бидат наменети за хуманитарни цели.
Од Општина Велес ги повикаа граѓаните и посетителите да бидат дел од манифестацијата, која ја слави локалната гастрономска традиција и секоја година привлекува љубители на велешката пита.
„Забавата продолжува, ве очекуваме на вкус што раскажува традиција!“, порачуваат од Општината.
.
Извор: plusinfo.mk