ПЕТ-ЦЕНТАРОТ ЌЕ РАБОТИ ВО ВИКЕНДИ И НА ПРАЗНИЦИ Целта е да се намали времето на чекање
Министерството за здравство информира дека, почнувајќи од овој продолжен викенд, вклучувајќи го и претстојниот празник, а потоа и во наредните викенди, Центарот за позитронска емисиона томографија (ПЕТ) ќе биде отворен за пациентите, со цел да се скрати времето на чекање за пациентите.
„Секој ден на листа на чекање е ден неизвесност за пациентот и за неговото семејство. Затоа, ПЕТ центарот, согласно предвидениот план, продолжува со работа и во викендите, со јасна цел – да се намали листата на чекање и дијагностиката да им биде побрзо достапна на тие на кои им е најпотребна“ – се вели во соопштението на МЗ.
– Оваа реорганизација се спроведува за да ги намалиме листите на чекање. Очекуваме да продолжи трендот што го воспоставивме во изминатите две години, кога двојно ги зголемивме термините. Посебна благодарност им упатуваме на сите здравствени работници и соработници, чиј труд и залагање го прават ова можно – изјави д-р Невена Маневска, директорка на ПЕТ центарот.
Позитронската емисиона томографија е современа медицинска дијагностичка метода за откривање, утврдување на распространетоста и следење на лекувањето на малигните заболувања.
.
Извор: plusinfo.mk