САЈБЕР-НАПАД ВРЗ УНИВЕРЗИТЕТОТ „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“ Дигиталните сервиси се обновуваат, од УГД тврдат дека податоците се безбедни
Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип во текот на изминатата недела бил цел на сајбер-напад насочен кон неговата дигитална инфраструктура, соопштија од универзитетот.
Веднаш по откривањето на неовластената активност, техничките тимови постапиле согласно со безбедносните протоколи и превентивно ги изолирале засегнатите системи за да спречат понатамошно ширење на инцидентот.
– Настанот веднаш беше официјално пријавен до Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти (МКД-ЦИРТ), како и до останатите надлежни институции. Во изминатите денови, стручен тим за дигитална форензика и сајбер-безбедност, во координација со нашите информатички служби и согласно со пропишаните стандарди, спроведе детална форензичка анализа на инцидентот – велат од Универзитетот.
Од универзитетот информираат дека во тек е целосна санација на инфраструктурата и подготовка за безбедно враќање на сите дигитални сервиси во функција.
Во однос на состојбата со податоците и системите, од УГД тврдат дека резервните копии на сите универзитетски системи и бази на податоци се валидни, зачувани и во одлична состојба. Тоа, како што посочуваат, овозможува сигурно и контролирано обновување на сервисите.
– По целосното завршување на форензичката постапка и безбедносните проверки, ќе започнеме со етапно и контролирано пуштање во употреба на дигиталните сервиси – информираат од УГД.
Студентите и вработените ќе бидат навремено известувани преку официјалните канали на УГД за секој сервис што повторно ќе биде ставен во функција.
Од универзитетот додаваат дека наставниот и административниот процес продолжиле непречено, со соодветни приспособувања до целосното нормализирање на дигиталните платформи.
Студентите и вработените биле известени дека сите потребни потврди и документи можат редовно да ги добиваат во физичка форма, на шалтерите на студентските служби. Оваа практика ќе продолжи сè до целосното обновување на електронските сервиси.
– Им благодариме на студентите, наставниот кадар и соработниците за разбирањето, трпението и поддршката – велат од УГД.
.
Извор: plusinfo.mk