Официјални резултати на ДИК: Колкава е разликата меѓу кандидатите во Брвеница?
БРВЕНИЦА – Државната изборна комисија (ДИК) ги објави конечните резултати од првиот круг на вонредните избори за градоначалник на Општина Брвеница. Според резултатите од пребројувањето на сите гласови на 24 избирачки места, во вториот круг за градоначалничката функција ќе се соочат Стојанчо Радичевски од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ и Аркин Јахии од Националната алијанса за интеграција (НАИ).
Радичевски освои 2.943 гласа, односно 38,90 проценти, со што се пласираше на првото место во првиот круг. На второто место е Аркин Јахии со 2.152 гласа, односно 28,45 проценти, со што обезбеди пласман во вториот круг.
Кандидатот на коалицијата ВЛЕН, Јакуп Хусеини, освои 1.528 гласа (20,20 проценти), додека кандидатот на СДСМ, Јовица Радески, доби 706 гласа (9,33 проценти).
Останатите кандидати, Душан Богдановски и Арифе Идризи, освоија 55 гласа (0,73 проценти), односно 21 глас (0,28 проценти).
Излезност на изборите
Според податоците на ДИК, од вкупно 16.256 регистрирани гласачи, на изборите гласале 7.565 граѓани, што претставува излезност од 46,56 проценти. Евидентирани се и 160 неважечки гласачки ливчиња.
Бидејќи ниту еден кандидат не успеа да го обезбеди потребното мнозинство гласови во првиот круг, конечната одлука за тоа кој ќе ја предводи Општина Брвеница ќе биде донесена во вториот круг, кога граѓаните ќе избираат меѓу Стојанчо Радичевски и Аркин Јахии./Novina.mk

